Повик за мирен протест пред Собранието против законот за употреба на јазиците

Светскиот македонски конгрес и Македонски манифест се приклучуваат на здружението „Преродба“, Граѓанската иницијатива против Законот за употреба на јазиците предводена од отец Ивица Тодоров и здружението „Тврдокорни“ во организацијата на мирен протест против донесувањето на Законот за употреба на јазиците, кои ќе се одржива од среда до петок пред законодавниот дом.

Споменатите организации притоа упатуваат јавен повик „до сите Македонци по род и државјанство“ на мирен протест пред Собранието на Република Македонија на 13 септември 2017 година (среда), 14 септември 2017 година (четврток) и 15 септември 2017 година (петок), секој ден од 18.00-20.00 часот. Собирно место е во паркот „Жена Борец“ карши Собранието од 17.30 часот.

Притоа, се известуваат граќаните дека сообраќајницата од Порта Македонија до Градската болница во наведените денови и термин ќе биде блокирана!

„Мирниот протест не е против малцинските етнички заедници во Македонија! Протестот е со барање до Владата да го повлече предлог Законот за употреба на јазиците од Собранието, бидејќи е неуставен, не е европски, ги руши унитарноста и територијалниот интегритет на државата, ги дискриминира помалите етнички заедници, ја дестабилизира земјата, и врши мајоризација на малцинството врз мнозинството, и секако не смее да се злоупотребува за престојните локални избори!“, се наведува во повикот.

Организаторите на протесто најавуваат, исто така, дека доколку Собранието сепак го донесе споменатиот закон, тие ќе поднесат барање до Претседателот на Републиката да не го потпише указот за прогласување на Законот, а доколку Законот влезе во сила, организаторите ќе го оспорат пред Уставниот суд на Македонија!

За учесниците обезбедено е озвучување со обраќања на организаторите. Организаторите, исто така, имаат подготвено транспаренти на македонски и англиски јазик со слоганите: „Предавството не е демократија!“, „Законот за јазиците е антинуставен!“, „Законот за јазиците не е европски закон!“, „Една држава – еден јазик, и дома и во светот!“, „НЕ, на јазичната федерализација!“ “Македонскиот јазик за сите и дома и во светот!“, „Што за Албанците во Македонија, тоа за Македонците во Албанија!“. „Реципроцитет меѓу Македонија и Албанија!“ и  „Македонија – унитарна држава!“.

Организаторите се оградуваат од можни недолични пароли и расистички скандирања и притоа наведуваат дека се добредојдени се сите кои го споделуваат овие вредности и барања.