Повик за набавка на дрва од ЈП „Македонски шуми“ за 2016

ЈП „Македонски шуми“ објави јавен повик за пројавување интерес за набавка на техничко и огревно дрво за 2016 година од Јавното претпријатие. На повикот може да се пријават физички и правни лица, а повеќе податоци за условите и начинот на апликација може да се најдат на веб-страницата на Македонски шуми www.mkdsumi.com.mk.

– Со цел да се избегнат проблемите што годинава се појавија во работата, за 2016 година предвидовме нов начин на продажба на огревно и техничко дрво. Тоа значи дека целокупната продажба на сите сегменти ќе оди по пат на јавниот повик што денеска го објавуваме и со склучување договори со сите корисници, информира директорот на ЈП „Македонски шуми“ на денешната прес-конференција.

Тој прецизира дека во јавниот повик се одредени крајните термини до кога може да се аплицира, а по нивното истекување, како што рече, нема да може да се склучуваат договори со ЈП Македонски шуми за набавка на техничко или огревно дрво. Во договорите, додаде, ќе биде прецизирано и до кога треба да се платат и достават дрвата во спротивно ќе има право за надомест на штета.

– Цените на огревното дрво на склад и во наредната сезона остануваат исти како и годинава, односно 2,370 денари за бука и 2.450 денари за даб. За наредната година прланираме и зголемување за околу 20 отсто на производството на дрво, рече Караџоски.

Нагласи дека годинава имало поголема побарувачка на огревно дрво од лани и додаде дека ЈП „Македонски шуми“ произвела и продала 500.000 метри кубни или 80.000 метри кубни повеќе од лани. За 2016 година најави дека се планира производство на 600.000 метри кубни дрво. Таа, количина, како што посочи, би требало да ги задоволи потребите, имајќи во предвид дека според податоците на Државниот завод за статиситка Македонија троши околу 800.000 метри кубни.

– Ако се има предвид дека планираме производство на 600.000 метри кубни дрво, 250.000 метри кубни има производство од приватните шуми, 60 до 70.000 метри кубни годинава беа увезени, а околу 50.000 метри кубни продадоа националните паркови излегува дека за следната година се предвидува речиси еден милион кубни метри дрва што е доволно за нашиот пазар, рече Караџоски.

Посочи дека јавното претпријатие од годинава располага со 312 сопствени секачи и дотурачи пради што, како што рече, може полесно да го планира производството.

– Годинава само 63 отсто од производството е направено со надворешни секачи и доставувачи преку тендери, а остатокот е со сопствено учество. Во 2016 година очекуваме сопственото учество да биде од 35 до 40 отсто, а планираме и набавка на камиони за дистрибуција на дрва, бидејќи во 2015 година имавме доволно произведена маса но имавме проблем со транспортот, рече Караџоски.

Истакна дека Македонски шуми ги испорача сите количини што ги имаше договорено за годинава и за сите уплати, но потенцира дека се уште примаат уплати. Дрвата, како што рече, ги дистрибуираат по исплатата на сите рати или согласно објективните услови што ги имаат за плаќање во готово.

– Производството на дрво трае преку целата година и не може да се очекува да биде испорачано до 15 октомври кога официјално почнува грејната сезона. Има луѓе што не набавиле доволно, па бараат повторно да го направат тоа или, пак, некои што навреме не уплатиле и слично. Годинава, пред се поради неповолните временски прилики во мај, имавме задоцнување од два до три месеца со дистрибуцијата на огревно дрво, но тоа беше до средината на ноември. Оттогаш продажбата и дистрибуцијата течат вообичаено, рече Караџоски, нагласувајќи дека мали проблеми направиле и измените на Законот за шуми поради кои морале да се менуваат чеканите за жигосување за што било неопходно објавување на тендери.

Токму заради избегнување на ситуацијата од годинава, потенцира, се одлучивме да го промениме начинот на продажба на дрво за 2016 година.

Појасни дека аа 2016 година се предвидува апликациите за набавка на техничко дрво за  правните субјекти по основ на рамковен договор да се достават најдоцна до 15 февруари 2016 година, а за годишен договор до кјарот  на февруари. По истекот на роковите нема да се примаат нови барање, освен за новоотворени дрвопреработувачки капацитети.

Апликациите за продажба на огревно дрво на здруженија на пензионери, синдикати и правни субјекти кои огревното дрво го користат во процесот на производство и затоплување треба да се поднесат најдоцна до 15 февруари 2016 година, а со тоа ќе треба да се достават и изјави заверени на нотар за која намена ќе се користи дрвото, како и список на  пензионери со прилог чек од пензија. Плаќањето може да биде на рати, а почетокот на дистрибуција е отако ќе се исплатат  најмалку 50 отсто од ратите.

За правните субјекти кои се регистриани за промет на дрво и дрвни сортименти плаќањето е авансно, а крајниот рок за поднесување апликација е 31 март 2016 година. Во прилог на апликацијата треба да достават и изјава заверена на нотар дека  максималната цена на продажба нема да биде повисока од 2.900 денари за просторен метар бука и 3.000 денари за даб. Покрај тоа, треба да достават и писмена изјава заверена на нотар со која се согласуваат ЈП „Македонски шуми“ да им задржи 10 отсто од вкупно уплатената сума  и да го раскине договорот доколку не ја почитуваат максималната цена на продажба.

За физички лица пензионери и инвалиди  апликациите треба да се достават најдоцна до 15 март 2016 година, а огревното дрво може да го плаќаат на 8 рати. Испораката може да почне по исплатата на половината од ратите, а со апликацијата треба да се достави чек од пензија и доказ за инвалидност.

Апликацијата за физички лица од социјално ранливи категории треба да се достави најдоцна до 15 март 2016 година, а со неа треба да се достави и доказ за статусот. Огревното дрво им се продава на 8 рати од кои првата треба да се плати при склучувањето на договорот. Огревното дрво може да се купи и со попуст од 10 проценти за плаќање во готово.

За останатните физички лица апликацијата треба да се поднесе најдоцна до 15 март 2016 година. Огревното дрво ќе може да го плаќаат до 5 рати или во готово. Првата рата се плаќа при склучувањето на договорот, а дистрибуцијата на дрвата почнува по исплатата на последната рата. Предност при испорака ќе имаат оние кои дрвата ги платиле во готово.