Повисоки плати и пензии за подобар стандард

Од октомври годинава, административците ќе добиваат за 5 проценти повисоки плати. Се прави нагорна корекција на примањата, финансирани од државната каса, со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните, анализира Лидер.мк.

Според македонските власти, земјава успешно се справува со последиците од кризата, па затоа има простор да се реализира даденото предизборно ветување.

„Водиме здрави макроекономски политики и ќе успееме да го реализираме даденото ветување пред граѓаните, а тоа е зголемување на платите во јавниот сектор, почнувајќи со платата за месец октомври, а следната година повторно ќе ги зголемиме и пензиите. Верувам дека со ваквите политики ќе успееме во Македонија да ја задржиме макроекономската и фискалната стабилност, а граѓаните да бидат задоволни. Додека другите земји превземаат непопуларни и тешки мерки кои што го влошуваат стандардот на граѓаните, ние успеваме да се справиме со сите предизвици на кризата и да обезбедиме реален пораст на примањата на граѓаните, финансирани од Буџетот“, објаснува првиот човек на Министерството за финансии, Зоран Ставрески.

Дел од земјите на Стариот континент во изминатиов период, пред сè како резултат на големата криза, се одлучија за непопуларни мерки – намалување на пензиите или нивно оданочување. На пример, Србија која претрпе огромни штети од поплавите кои ја зафатија земјава, за 10 проценти ќе ги намали пензиите и платите во јавниот сектор.

„Можам отворено да кажам дека ќе се обидеме, намалувањето на платите и пензиите да не биде ниту за динар, ниту за цент повеќе од 10 проценти“, изјави српскиот министер за финансии, Душан Вујовиќ.

Тој сепак испрати и силна порака – „Трошоците за реформите ќе мора да ги понесат сите општествени групи, а не само работниците и пензионерите“. Негова цел е линерано да го намалува буџетскиот дефицит, за 60 милијарди динари секоја година.

За разлика од нашиот северен сосед, наредната година повторно ќе има покачување на пензиите. Највозрасната категорија граѓани од март зема за 5 проценти повисоки пензии, линеарно зголемени за 600 денари. Вкупно, над 3.5 милијарди денари легнаа на сметките на 284.878 пензионери. Сега, просечната пензија е за 62 процента повисока, споредено со 2006-та година.

„Не е којзнае колку, ама ќе имаме повеќе пари за лекови, за храна“

„Добро е што ни се покачија пензиите оти и цените одат нагоре. Мора економично да се живее, да се штеди“

„Јас не се жалам. И сопругот мој зема пензија. Доста ни е за нас двајцата, ни стасуваат парите“ – велат дел од пензионерите со кои поразговаравме во скопскиот Жена – парк.

„Со зголемувањето на пензиите во март годинава, просечната пензија изнесува 12.445 денари, што претставува зголемување од 62 процента во однос на 2006 -та година, кога просечната пензија изнесувала 7.683 денари. Со ова сме единствената земја, не само во регионот, туку и и во Европа, која успеа во тешки времиња, кога се чувствуваат последиците од кризата, не само да ги заштити пензионерите, да не се зголемува старосната граница и редовно да се исплаќаат пензиите, туку и да се изврши зголемување на пензиите“, посочуваат од Министерството за финансии.

Разликата кај најниската пензија е уште поголема. Сега таа изнесува 7.620 денари, за разлика од 2006-та, кога била 4.330 денари, што процентуално, претставува зголемување од 76%. Раст од 30% има и кај највисоката пензија, од 27 илјади на 36 илјади денари.

Според економистите, зголемувањето на пензиите е добар потег.

„На прв поглед, зголемувањето од 600 денари по пензионер не е големо. Но, ако се земе вкупно, тоа е голема сума пари која ќе се влезе во процесот на потрошувачка, особено кај производите за широка потрошувачка. Тоа ќе предизвика зголемена вкупна побарувачка, ќе резултира со зголемено производство на тие стоки, а во крајна линија, ќе резултура и со придвижување на БДП“, објаснува универзитетскиот професор Томе Неновски.

Во исто време, се подобрил и соодносот меѓу вработените и корисниците на пензија. Сега, На 1,84 вработени има по еден пензионер. Генералната стратегија е, со новите инвеститори и намалувањето на сивата економија, долгорочно да нема проблеми околу трансферите.

Работникот сам избира кога ќе оди во пензија

За разлика од повеќето држави кои ја зголемија границата за пензионирање, кој нас работниците сами, доброволно ќе одлучуваат дали сакаат да си го продолжат работниот век. Мажите ќе можат да работат најмногу до 67 години (старосната граница е 64 години), а жените ќе можат да продолжат до 65 години. Дали ќе работат уште една, две или три години, ќе одлучат самите работници. Ова според бизнис – секторот ќе им овозможи на компаниите, доколку има интерес кај работникот, да ги задржат квалитетните и искусни кадри.

„Сега работниците имаат можност на легален начин да продолжат да работат, бидејќи нивното искуство е од непроценливо значење за компаниите. Работниците кои имаат знаења и искуства се добредојдени и треба да останат во компаниите“ – смета претседателот на Бизнис, конфедерацијата на Македонија“, Миле Бошков.

Законските измени предвидуваат, оние што сакаат да продолжат да работат, да се изјаснат до 31 август тековната година.