Повисоки плати, пензии, социјална помош и отпишување на долговите

Зголемување на платите во јавниот сектор, пензиите, социјалната и постојаната парична помош за 21, 5 отсто во наредните четири години најави мандатарот Никола Груевски.

– Се стремиме кон отворање на 64.000 нови работни места и намалување на невработеноста од постоечките 28,4 проценти  на околу 22 проценти, рече Груевски, при денешната презентација на Предлог-владината програма за периодот 2014-2018 година.

Особено внимание ќе се посвети на зголемувањето на вработеноста на младите лица, преку ослободување од плаќање придонеси за вработување лица до 29 години, програмата со која за самовработување  на млади лица до 29 години ќе им се обезбеди кредит во износ од 7 илјади до  23 илјади евра, грантови од илјади евра за секој новорегистриран бизнис, поддршка за прво вработување и практикантство за млади и уште десетина други мерки. Ќе има, најави, активни мерки за вработувања на самохрани родители, деца без родители, родители на деца со посебни потреби, лица од 50−62 години и лица на кои работниот однос им престанал врз основа на стечај, ликвидација или технолошки вишок.

Груевски најави и дека Владата ќе спроведе еднократно отпишување на долговите на најранливите категории граѓани, изградба на 660 станови за ранливите лица, како и продолжување на зголемувањето на минималната плата, чиј износ до март 2016 треба да достигне 10.080 денари.