Повисоки субвенции за привлекување на туристи

Изминативе години се бележи континуиран раст на бројот на странски туристи во земјава. Владата одлучи од идната година да има зголемување на субвенции за привлекување на странски туристи дополнително ќе се прошири бројот на држави чии граѓани имаат желба да ја посетат Македонија.

-Во насока на продолжување на позитивниот тренд за развој на туризмот, кој во огромен дел се должи на приливот на странски туристи кој го имаме во изминатите години, на Комитетот за туризам утврдивме дека од почетокот на следната година ќе има зголемување на субвенции за привлекување на туристи од странски земји, за поголем број на држави од каде имаме сериозни сигнали дека со тоа зголемување би обезбедиле поголем квантум на туристи кои би престојувале во Македонија. Дел од овие земји се Израел, Италија, Франција, Шпанија, Чешка. Се очекува во брзо време сите утврдени ставови на Владата, да бидат пресликани во правилникот на Агенцијата за туризам, и да може домашните туристички агенции да стапат во контакт со нивните странски партнери и да обезбедат прилив на туристи во Македонија. Истиот ќе биде значаен и за профитабилноста на домашните туристички компании, а поширока импликација ќе има на поголем број стопански сектори во земјава, истакна владиниот портарол Александар Ѓорѓиев, пренесува Курир.

Последните статистички податоци говорат дека бројот на туристите во јули годинава изнесувал 119.742, а на ноќевањата 520.283. Во однос на јули лани статистиката евидентира раст на туристите за 11,7 проценти, а кај ноќевањата за 8,6 проценти.

Во периодот јануари-јули годинава, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 7,9 проценти, при што кај домашните туристи има зголемување за 0,7 проценти, а кај странските за 12,6 проценти.

Минатата година земјава ја посетиле 425 илјади странски туристи. За осум години бројот на странски туристи е зголемен за 100%. Податоците за изминативе 15 години покажуваат дека прво значително зголемување има во 2011, кога се воведоа субвенциите за тур операторите кои носат странски туристи во земјава. Таа година бројот на странски туристи се зголемил од 261 на 327 ијлади или за 65 илјади во само една сезона. 

Покрај субвенциите, Владата спроведе повеќе други проекти за да го раздвижи туристичкиот сектор.

Од годинава субвенции се нудат и за туристи од Казахстан, Азербејџан, Катар, Германија и Англија. Владата дава по 65 евра за секој турист од овие земји кој ќе престојува најмалку три дена во Македонија. Годинава се зголемија субвенциите за донесени туристи од Босна, Србија и Бугарија, од 25 на 35 евра за секој кој во организирана посета и со авионски превоз ќе дојде и престојува најмалку седум дена во Македонија.

Субвенции веќе се даваат за туристи од БЕНЕЛУКС, Финска, Норвешка, Данска, Шведска, Русија, Украина, Обединети Арапски Емирати, Јапонија, Индија и Кина, како и за државите од регионот.

Беа воспоставени евтини авионски летови со државна поддршка. Моментално има над 30 директни полети преку македонските аеродроми. Во изминатиот период преку Проектот за доделување финансиска поддршка на нови авиолинии беа воведени директни летови кон: Малме, Базел –Милхаусен, Милано –Бергамо, Ајндховен, Дортмунд , Меминген, Минхен, Стокхолм, Гетеборг, Лондон-Лутон, Венеција, Франкфурт, Париз, Брисел, Келн и Рим.

Македонија се промовираше и како туристичка дестинација на светските медиуми, а потоа повеќе туристички магазини и портали и самите ја ставаа на листите за препорачани дестинации.

-Позната по своите мрачни манастири и блескаво Охридско Езеро, оваа поранешна ју република ги мами и авантуристите по храна. Местата како планината Шара со планинарски патеки како на Алпите и винската индустрија – еднаш одговорна за поголемиот дел од снабдувањето на Југославија – изобилуваат со локални производители. Мали хотели кои служат традиционални чорби и теста како пастрмајлија и бурек ги заменија социјалистичките дувла. И Македонија е едно од ретките места без Мекдоналдс – рестораните затворија во 2013, пишува Њујорк Тајмс.