Поволни услови за откуп на државните станови

Закупците на становите кои се во сопственост на Агенцијата за стопанисување со станбен и деловен простор, до крајот на месецот треба да се одлучат дали понатаму ќе го продолжат договорот,  или пак ќе склучат нов – за откуп на станот. Оваа опција ќе им се понуди на лицата кои излегле од категоријата на „социјални случаи“ и веќе не се со ниски примања, а за таа цел деновиве Владата треба да ги утврди условите за откуп.
Според предлозите на Агенцијата, на станарите кои ќе сакаат да ги откупат становите ќе им се понуди пониска каматна стапка и ќе се намали процентот на учество. Наместо каматна стапка од 7,1 отсто, Владата ја разгледува можноста таа да се намали на 4,9 до 5,1 отсто, а наместо 30 отсто учество, граѓаните да може да стартуваат и со 10 отсто учество и исплата на најмногу 240 рати.

На овој начин треба да се реши состојбата на 851 стан во земјава, за кои дури на 759 кориници не им продолжен договорот за закуп, што значи дека не плаќаат кирија. Според директорот на Агенцијата за стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов, поради неактивниот договор, некои станари не платиле кирија и по неколку години.

Новите договори ќе се потпишт до крајот на месецот и ќе имаат важност пет години. Оние станари кои се’ уште спаѓаат во категорија со ниски лични примања, ќе продолжат да плаѓаат месечен закуп кој се движи од 1.500  до  2.000 денари, додека лицата или семејствата кои веќе не се со потпросечни примања, доколку сакаат да останат во станот ќе плаќаат кирии по комерцијална цена, во зависност од локацијата. Тие  ќе може и да го откупат станот под новите услови кои Владата треба да ги соопшти деновиве.

Доколку го откупат станот во редовна постапка, станот понатаму ќе можат и да го продадат, но доколку се купи со субвенционирано плаќање, ќе може само да се остава во наследство, но не и да се продава додека целосно не се исплати.

Продажната цена на овие станови во Скопје се движи од 580 до 680 евра за квадратен метар. Во Битола квадрат се продава по 540 евра, во Ресен по 390 евра, во Дебар по 380 евра, во Прилеп по 370 евра, во Кичево по 340 евра, во Кочани по 460 евра, во Штип по 380 евра, во Велес по 560 евра ( само во една полуксузно изградена зграда цената е 700 евра за квадратен метар), во Тетово за 530 евра, Гостивар  по 370 евра, Струмица по 480 евра, Гевгелија по 430 евра , Кичево по 390 евра и во Крива Паланка квадрат чини 430 евра.

Интересот за откуп на овие станови досега е многу мал, бидејќи иако се работи за ранлива категорија на граѓани, продажната цена е речиси идентична со цените за откуп на  комерцијалните градби.
Со новите услови, Грозданов се надева дека ќе се зголеми интересот за продажба на становите, но и ќе се создаде поголема можност становите да им се дадат под закуп на оние граѓани кои реално ги исполнуваат критериумите.

Заради  поголема информираност на граѓаните, за проектите, цените на становите со кои Агенцијата располага и генерално за нејзината работа, отворена е нова веб-страница (http://www.adsdp.mk/adsdpmk/).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.