Повредата на Рибери е одлична вест за Арсенал

Актуелниот светски и европски клупски шампион, Баерн (М), во следните неколку недели ќе ги нема на располагање услуигите на најдобриот фудбалер, францускиот интернационалец Франк Рибери.

Клупскиот доктор на баварскиот гигант потврди дека последната повреда која ја заработи Рибери пред неколку дена е од посериозна природа и дека крилниот напаѓач нема да биде во комбинација за првиот 1/8 финален натпревар од Лигата на шампиони против екипата на Арсенал.

“Последниот лекарски преглед покажа дека станува збор за сериозна повреда. Станува збор за повреда на еден нерв. Операцијата помина во најдобар ред и можеме да потврдиме дека истата е успешна. За некој ден ќе стартува процесот на рехабилитација, а веќе од следната недела Рибери ќе стартува со полесни тренинзи. Ќе може да трча, но не со голем интензитет. Франк нема да биде во комбинација за првиот 1/8 финален натпревар од Лигата на шампиони, а нема да настапи ниту на следните првенствени натпревари”, изјави клупскиот доктор на Баерн (М).

Првиот натпревар помеѓу Арсенал и Баерн (М) ќе се одигра на 19 февруари во Лондон, а реванш пресметката е закажана за 12 март.