Повреден македонски полицаец на границата со Грција

Еден полицаец е повреден претпладнево кога околу 5.000 мигранти се обидоа насилно да влезат во Македонија од Грција, соопштува МВР. Мигрантите фрлале со камења и тврди предмети кон македонската полиција и ја оштетиле капијата на железничката пруга. Од МВР информираат дека полицијата употребила солзавец за да се спречи нелегалното влегување на мигрантите во Македонија и тие се вратени на грчка страна.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, бегалците во Идомени на грчко-македонската граница во моментов одржуваат мирен протест со окупирање на железничката пруга, откако претходно се обиделе да ја урнат оградата.

Грчката државна новинска агенција АНА-МПА јави дека македонските власти во моментов ја поправаат оградата, а на самото место има и полицајци.

Железничката пруга е затворена, а од 50-тина бегалци кои требало да влезат во Македонија, само 10 успеале да ја преминат границата, поради напнатоста што доведе до затворање на граничниот премин, информира агенцијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.