Повреден полицаец при интервенција на натпреварот Вардар – Ренова

Еден полицаец бил повреден во главата при вчерашната полициска интервенција за спречување на тепачка помеѓу навивачките групи на фудбалските клубови „Вардар„ и „Шкендија“ кај градскиот стадион во Тетово, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

До инцидентот дошло откако меѓу 30 и 40 навивачи на „Вардар“ околу 13 часот и 30 минути ненајавено пристигнале и сакале да влезат на стадионот каде се играл куп натпреварот помеѓу „Ренова“ од Џепчиште  и „Вардар“ од Скопје.

– Организаторот не и дозволил на групата да влезе на стадионот, а во меѓувреме во нивна близина се собрале повеќе навивачи на Шкендија. Помеѓу двете групи започнале препукувања и меѓусебни фрлања со камења и шишиња, но со интервенција на полицијата бил спречен физички контакт меѓу двете групи. При тоа еден полицаец бил удрен по главата и веднаш бил префлен во тетовската клиничка болница од каде по укажаната помош бил пуштен на домашно лекување. Полицијата привела тројца навивачи на Вардар кои по извршените разговори биле пуштени и по расчистувањето на случајот ќе се соочат со соодветни поднесоци, појасни Јосифовски.

Се преземаат мерки за откривање на лицето кое го повредило полицаецот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.