Повредените во сообраќајката кај Велес се надвор од животна опасност

Повредените во вчерашната сообраќајна несреќа кај Велес, кои беа примени во Клиничкиот центар се во стабилна состојба и надвор од животна опасност. За жал една жена вчера со тешки повреди на градниот кош почина. Како Министерство за здравство му изразуваме сочувство на семејството, истакна министерот за здравство, Арбен Таравари

Во Клиничкиот центар се хоспитализирани 17 повредени. Заедно со починатата жена вкупно 28 лица биле повредени во несреќата.

– Сите други болни тука, четири во Клиниката по хирушки болести „Св.Наум Охридски“, и еден во ГОБ „8 Септември“ и пет во Општата болница во Велес се во стабилна состојба. Се надевам дека половина од нив уште утре ќе ги пуштиме дома. Тие со посериозни повреди ќе останат во болница се додека не закрепнат. Меѓу повредените има две деца, рече Таравари.

Деветгодишно девојче, потенцира Таравари, е посериозно повредено на левата рака и е на КАРИЛ. Појасни дека иако бил одвоен делот од надлактицата надолу, докторите успеале да ја оперираат.

– Долниот дел на раката има пулсации, температура, а нашите хирурзи направиле да се среди циркулацијата. Има реални шанси таа рака да профункционира како што треба благодарение на екипата доктори во Клиничкиот центар, истакна Таравари.

Појасни дека на КАРИЛ се вкупно осум пациенти, неколку пациенти се задржани на Ортопедија и на Детска хирургија.

Директорот на ТОАРИЛУЦ, Илир Хасани рече дека се спремни за вакви ситуации кога има повредени. Потенцира дека возачот на автобусот се наоѓа на Торакална хирургија со повреди на градниот кош.

Директорот на Клиниката по хирушки болести „Св.Наум Охридски“, Иван Спировски истакна дека кај нив синоќа биле примени пет повредени во сообраќајната несреќа – еден маж, една жена и три девојки.

– Мажот е со сериозни повреди на градниот кош со скршеници на ребра, еден слабински пршлен…и не е во животна опасност. Сите испитувања се направени и преземени се мерки. Се наложи мала хирушка интервенција на градниот кош, рече Спировски.

Посочи дека една девојка има повреда на пет пршлени, но е во стабилна состојба, а другите имаат полесни повреди.

– Сите се во добра општа состојба, додаде Спировски.