Повторно искри на седницата на Советот за безбедност за Сирија

© AFP 2018 / Hector Retamal

Американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, изјави во петокот дека Вашингтон проценува дека сириската влада употребила хемиско оружје „најмалку 50 пати“ во текот не седумгодишната војна во Сирија, додека нејзиниот руски колега Василиј Небензиа врати дека САД и западните земји сакаат само да „сеат хаос“ и оти бунтовниците добиле наредби за напад по можниот американски напад.

Ова не беше првпат сирискиот претседател Башар ал-Асад да користи хемиско оружје, тврдеше Хејли, мислејќи на наводниот напад од минатата сабота во сириска Дума во кој се смета дека е користено хемиско оружје, додавајќи дека одделните американска, британска и француска истрага покажале дека било користено хемиско оружје. Меѓутоа, американската амбасадорка не рече на кој начин биле изведени овие истражувања, бидејќи споменатите држави немаа своите експерти на теренот. Русија, пак, претходно оваа седмица објави дека нејзините стручњаци кои ги прегледувале пациентите во болницата во Дума не нашле симптоми на труење со боеви отрови, како што не нашле ни нејзините воени експерти истражувајќи го теренот на наводниот напад.

„Нашиот претседател уште не донесе одлука за можна акција во Сирија. Но ако САД и нашите сојузници одлучат да дејствуваат во Сирија, тоа ќе биде во одбрана на принципите околу кои сите се залагаме“, рекла Хејли пред Советот за безбедност на ОН чијашто седница ги побара Русија со дневен ред „Закана за меѓународниот мир и безбедноста“.

„Сите држави и сите народи ќе имаат штета доколку му дозволиме на Асад да го направи нормално користењето на хемиското оружје“, рекла Хејли која истакна дека во текот на денот од Њујорк ќе отпатува во Вашинготн на разговори во Белата куќа.

Американската амбасадорка рече дека „човек во одреден момент мора да дејствува“. „Морате да кажете – сега е доста“, рекла зборувајќи дека имало многу случаи кога Русија со поддршка на Кина ставаше вето на резолуции за наводното користење хемиско оружје во Сирија барајќи непристрасни меѓународни истраги.

На Русија ѝ е точно познато дека водачите на вооружените групации во Сирија добиле наредби да ги нападнат позициите на владините сили доколку САД и сојузници извршат напад врз оваа блискоисточна земја, како одговор на непроверените информации за наводен хемиски напад во Дума, одговорил рускиот амбасадор Василиј Небензиа кој го обвини Западот е заинтересиран само за „уривање на сириската легитимна влада“.

„Зошто сеете хаос на Блискиот исток? Само Советот за безбедност има овластувања да донесе мерки против Сирија доколку се докаже користењето хемиско оружје“, порачал рускиот дипломат.

„Кој ќе има корист од можен воен напад врз Сирија, која го понесе главниот товар на борбата со тероризмот (…) и кога постигна сериозни победи во овој поглед? Нам многу точно ни е познато дека на водачите сириски групи им е дадена наредба да започнат со напади по евентуалната воена операција“, додал Небензиа.

Како што рекол рускиот постојан претставник во ОН „не постојат сигурни потврди“ дека е извршен хемиски напад.

„Нашите стручњаци не нашле никакви траги од користење отровни супстанции. Жителите на Дума не знаат за нападот. Сите информации за наводниот напад се обезбедени од антивладините сили, на кои им е во интерес ваквиот развој на настаните“, додал рускиот амбасадор.

Небензиа повторил дека Русија поседува информации дека во „провокацијата учествувала разузнавачки служби на некои земји“. Претходно во петокот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, исто така, рече дека Москва има докази за вмешаност во фабрикувањето на наводниот напад „на тајна служба на една земја“, а светските медиуми известуваат дека станува збор за Велика Британија.

Небензија предупредил дека САД и нивните сојузници ќе мора да одговараат за негативниот развој на настаните во Сирија доколку дојде до воена акција против оваа земја. Ги повикал западните држави да ја преиспитаат можноста од напади врз Сирија, „веднаш да размислат и да не го носат светот кон опасната линија“.

„Настаните се развиваат според опасно сценарио, коешто се заканува со далекусежни последици по глобалната безбедност“, рекол Небензиа и додал дека „ги повикува водствата на САД и нивните сојузници да се вратат на полето на меѓународното право“. Рускиот дипломат, исто така, предупредил дека негативниот развој на ситуацијата во Сирија „е полна со глобални последици“, Според него, САД заземале курс на промовирање воено сценарио во Сирија. „Тоа не смее да се дозволи“, рекол.

Челникот на ОН, Антонио Гутерепс обраќајќи се пред Советот за безбедност изјави дека сите држави мора „да дејствуваат одговорно во овие опасни услови“.