Повторно ќе се активира дежурната служба во Поликлиника Идадија

Сите осигурени лица отсега ќе можат да добијат здравствена заштита од страна на дежурни тимови на матични лекари во дежурните служби во Поликлиника Идадија, секоја сабота од 07:30 до 19:30 часот.

Со ова се овозможува во сите поликлиники на подрачјето на град Скопје да има континуирана здравствена заштита за сите осигуреници. Дежурната служба си работи континуирано и во ноќните часови, недела и државни празници.

Со повторното активирање на дежурната служба во поликлиника Идадија, ќе се релаксира гужвата во поликлиникитета Ѓорче Петров, Бит Пазар и осигурениците кои гравитираат кон центар и осигурениците од Карпош и од Центар им се олеснува достапноста во користењето на потребните здравствени услуги, поблиску до местото на живеење.

Сите избрани лекари кои имаат склучено Договор за извршување и плаќање на здравствени услуги во примарна здравствена заштита, односно сите матични лекари ќе бидат вклучени во дежурствата кои се организирани од страна на ЈЗУ Здравствен дом Скопје. Списокот на дежурни лекари ќе биде објавен на web страната на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Лекарска Комора на Македонија и ЗПРЛМ во посебен дел за дежурства.

Целта на овие дежурства е да се пружи здравствена заштита на осигурениците на кои им е потребна неодложна медицинска помош  особено за  акутни состојби како што се: дехидратација, состојби со висока температура, покачен крвен притисок, главоболка, градна болка, гушење, бубрежна болка, повреди и друго. Предвидено е дежурните лекари да можат да пропишат рецепти на дванаесет генерики на лекови на товар на Фондот за горенаведените состојби и заболувања кои осигуреникот може веднаш да ги подигне во аптека.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.