Пожар избувна во 36-катница во Хонолулу, има жртви (ВИДЕО)

Во станбен комплекс од 36 ката во најголемиот хавајски град Хонолулу во петокот по локално време избувнал пожар,а медиумите известуваат дека најмалку три лица загинале и дека луѓе се заробени во своите домови додека пожарникарите се справуваат со огнот.

Снимките коишто ги емитуваа очевидци преку стриминг услугата Periscope покажуваат дебел густ столб од чад кој се издигнува од станбената зграда „Марко Поло“, додека на 26-от и неколкуте погорни катови избиваат портокалови пламени.

На 26-от кат се пронајдени тројца загинати, изјавил за локалните медиуми началникот на протвпожарната служба Мануел Невес. Додал дека има дојава за луѓе кои се заробени во нивните станови.

Повеќе од сто пожарникари се борат со огнот, додека припадници на итните служби ги згрижуваат луѓето на местото на настанот.

Досега најмалку 16 лица побарале медицинска помош додека две се пренесени во болница, пишува весникот Honolulu Star-Advertiser.

Поради овој пожар во станбен комплекс со 568 апартмани и деловни простории, затворена е главната сообраќајница пред самиот станбен комплекс, извести полицијата на Хонолулу преку социјалната мрежа Twitter.