Пожар во најголемиот отпад за автомобилски гуми во Европа

Пожар во најголемиот отпад за автомобилски гуми во Европа
Пожар во најголемиот отпад за автомобилски гуми во Европа

Голем пожар денеска избувна на отпад за автомобилски гуми во предградие на Мадрид, од каде се крева густ облак чад, кој во текот на денот беше видлив на оддалеченост и до 30 километри.

Поради пожарот властите евакуираа околу 9.000 жители на јужното мадридско предградие Сесења, чии домови се наоѓаат во близина на отпадот.

Одлуката за евакуација е донесена откако повеќе локални жители се пожалиле на проблеми со дишењето, поради токсичниот чад за кој се претпоставува дека може да го загрози нивното здравје.

Во гаснењето на пожарот, кој избувна претпалднево, се вкучени десет противпожарни екипи, како и еден хеликоптер.

– Се укажува дека пожарот е подметнат на отпадот за автомобилски гуми, кој е најголем во Европа, изјави градоначалникот на Сесења, Карлос Веласкез.

Властите претходно ги советуваа жителите на Сесења да останат во своите домови, а патниците на двата автопата кои минуваат во близина на отпадот им препорачаа да не ги отвораат прозорците на возилата.

Отпадот во кој има 100.000 тони користени автомобилски гуми постои од 90-те години на минатиот век, кога една локална компанија отвори времена депонија за складирање на пневматици наменети за рециклирање. Но, во изминативе децении од времена депонија локацијата прерасна во отпад на кој наталожените гуми достигнуваат и до три метри височина.

Шпанските еколози со години посочуваа дека отадот претставува ризик по здравјето на локалните жители.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.