Пожар во манастирот Прохор Пчински

Во манастирот Прохор Пчински, кој што се наоѓа на границата меѓу Македонија и Србија попладнево избувнал пожар, јавува српската телевизија „РТС“.

За телевизијата од полицијата изјавиле дека изгорел покривот на конакот, во кој што спијат монасите. Изгореле 80 отсто од конаците, а противпожарни екипи и понатаму се обидуваат да спречат пожарот да се прошири на останатитер делови од манастирот.

„Некаде околу 11 часот стигна дојава дека има пожар во манастирот и дека гори дел од покривот и конакот. На местото се испратени 14 пожарникари и неколку противпожарни возила. Упативме и дополнителни сили“, рекол за „Б92“, началникот на секторот за вонредни ситуации, Предраг Мариќ.

Манастирот се наоѓа во планински обрач на планината Козјак, на левото крајбрежје на реката Пчиња, 30 километри јужно од Врање.