Пожар во нуклеарна централа во Белгија

Третиот реактор во белгиската нуклеарна централа „Тианж“ прекина со работа поради пожар во надворешен трансформатор и има сомнеж дека станува збор за саботажа, јавува МИА.

Со оваа хаварија Белгија остана со три активни нуклеарни реактори од вкупно седум. Стопирање на работата на третиот блок во „Тианж“ се случи автоматски, откако системите го детектирале пожарот.

Со ова земјата е ставена во уште покритична состојба, бидејќи и без овој нов проблем Белгија оваа зима ќе се соочи со недостиг на струја.

Инцидентот, кој се случил вчера изутрината не предизвикал опасност од ширење на радијација.

Медиумите ја пренесуваат анализата на експертот Бруно Комби, според кој трансформаторите се најчувствителното место во нуклеарните централи.

Комби нагласува дека неодамна во Франција во еден ден над најмалку пет нуклеарни центали прелетале дронови, при што не се знае кој управувал со нив и кој ги насочил кон тие објекти.

Тој изразува стравување дека Европа се соочува со опасност, поголема од заканата од повторување на нападот врз САД од 11 септември 2001 година.

Според него, во координиран напад со дронови врз трансформаторите на нуклеарките, кои се во отворените делови на централите, може целосно да го блокираат европскиот систем за електрична енергија, а тоа може да доведе до големи последици за економијата.