Пожар во плевна во тетовско Долно Палчиште, четири лица повредени

Шеесет и девет годишен жител на тетовското село Долно Палчиште се здобил со изгореници по телото, а уште три лица биле полесно повредени откако од невнимание предизвикал пожар во неговата племна.

Тој вчера околу 17 часот се обидувал со сила да отвори плинско шише во просторијата од плевната која привремено била користена и за живеење додека изведувале градежни работи во нивната куќа. Поради тоа тука имало повеќе апарати за домаќинство меѓу кои била и печка на дрва која била запалена.

Старецот обидувајќи се да го олабави вентилот на плинското шише употребил предмет и поголема физичка сила и кога го конечно го отворил гасот започнал да брзо да истекува. Во тој момент се зачула и силна експлозија од која испукале прозорците на просторијата и се појавил пламен што ја зафатил нејзината внатрешност. Неговата жена, снаа и уште едно друго лице ја скршиле вратата од племната и успеале да го извлечат старецот.

Тој се здобил со повеќе изгореници по телото и по укажаната помош во тетовската клиничка болница бил задржан за натамошно лекување. При неговото извлекување уште три лица се здобиле со полесни повреди и тие по добиената лекарска помош биле пуштени дома. Од пожарот целосно изгорела плевната а огнот го опожарил и автомобилот Ауди 4, сопственост на неговиот син, што бил паркиран во близина.

Со залагање на жителите на селото и пожарникарите од тетовската територијална противпожарна единица кои брзо пристигнале на местото пожарот бил локализиран и целосно изгаснат. Полицијата извршила увид и работи на утврдување на сите поединости и вкупната материјална штета од овој пожар.