Пожар во Здравствениот дом во Неготино

Пожар избувнал денеска во рентген просториите при Здравствениот дом во Неготино. Пожарот е изгаснат и се утврдуваат причините и материјалната штета. Во пожарот нема повредени лица.

Пожарникарите реагираа веднаш штом беа повикани и пожарот беше изгаснат. Се утврдува материјалната штета и причините за пожарот, соопшти командирот на неготинската територијална противпожарна единица, Иле Илиев.

Околу седумдесет пожари се регистрирани за првата половина од годината во Тиквешијата, информираат од територијалните противпожарни единици од Кавадарци и Неготино.

Во единицата во Неготино е регистрирана 21 интервенција.

– Во неготинско и демиркаписко пожар избувна во 9 објекти, пламени јазици се појавија во 8 случаи на отворен простор и два пати во контејнери за отпад. Интервениравме и при две сообраќајни незгоди, рече   Иле Илиев.

Во кавадаречката противпожарна служба евидентирани се 50 интервенции на пожарникарите во општините Кавадарци и Росоман.

Четириесет од пожарите избувнале во затворен,  а пет на отворен простор. Имало пет интервенции при сообраќајни несреќи. Споредено со лани, засега се бележи намалување на шумските пожари, а зголемување на пожарите во градот и интервенциите при сообраќајки.