Пожари на југот на Австралија

Во пожарите кои горат без контрола на југот на Австралија, изгореа повеќе куќи, а властите предупредуваат дека државата се соочува со најголемата опасност после смртоносните пожари во 1983 година, пренесе МИА.

Во ридскиот дел Аделејд, североисточно од истоимениот град, пламнат е „исклучително опасен пожар“, кој со силниот ветер и најавените високи температури е невозможно да се превенира, соопштуваат локалните власти.

– Во овој момент, имаме пожар кој е многу опасен и кој гори под многу неповолни услови, изјави шефот на пожарникарската служба на Јужна Австралија Грег Нетитон.

Пожарот во Самсон Флет непречено се шири во сите правци и на сосема непредвидлив начин, а од вчера попладне се прошири од 154 хектари на 4.741 хектар на подрачје од околу 38 километри.

Густо населена со мали села, оваа област е позната по земјоделството и винариите, а има популација од околу 40.000 жители.

Досега се уништени пет куќи, а властите велат дека бројката може да се зголеми со оглед на тоа дека дуваат ветрови со брзина до 110 километри на час.

Во пожарите во 1983 година загинаа повеќе од 70 лица во државите Јужна Австралија и Викторија, а илјадници домови беа уништени.

Премиерот на Јужна Австралија Џеј Ведерил го повика населението во загрозените подрачја веднаш да се евакуираат, или доколку одлучат да останат, да се подготват за одбрана на своите домови.

Државите Нов Јужен Велс и Викторија подготвени се да помогнат на Јужна Австралија да се избори со пожарите, поради кои е прогласена состојба на елементарна непогода.

фото: news.com.au