Македонија,Економија

Позитивен сигнал од економијата: Забрзува кредитната активност во земјава

Позитивен сигнал од економијата: Забрзува кредитната активност во земјава

Кредитната активност во земјава, во четвртиот квартал од минатата година, значително забрза, при солиден раст на депозитниот потенцијал на банките, а овие движења беа најизразени во последниот месец од минатата година, покажува Кварталниот извештај на Народната банка на Македонија (НБРМ). 

Годишната стапка на раст на кредитите, на крајот на годината, изнесува 6,5 отсто, што покажува малку подобри остварувања од очекуваните со проекцијата од октомври, кога беа на ниво од 5,2 отсто, како и преку поволните остварувања од очекуваните кога станува збор за раст на депозитите, 4,7 отсто наспроти  проектираните 4,6 отсто.

НБРМ, во својот извештај, нотира дека е забележана промена во структурата на кредитирањето, во полза на кредитите насочени кон компаниите. Овие поволни остварувањ можеби се првиот сигнал кон стабилизирање на ставовите на банките кон ризикот на пласманите во реалниот сектор.

И покрај се’ уште бавното закрепнување на странската побарувачка во првите три квартали од минатата година, домашната економија и натаму бележи солиден раст, со годишна стапка од 3,3 отсто во третиот квартал, заснован на странските инвестиции и фискалниот импулс. Растот во третиот квартал, како што се наведува, најмногу произлегува од нето- увозот, во услови на пад на домашната побарувачка.

Извозот имаше најголем поединечен позитивен придонес за растот, а во исто време се намали и увозот, што пред се’ беше рефлексија на намалената побарувачка за енергенси.

Растот на градежниот сектор и понатаму има најголем индивидуален придонес до вкупниот раст на домашната економија. Силниот двоцифрен годишен раст и понатаму се должи на градежните работи, односно на јавните и приватните инвестиции во областа на нискоградбата, хидроградбата и станбените згради.

Во третиот квартал од минатата година, како што се нотира, се забележува намалување што доведе до значително забавување на годишниот раст на додадената вредност во индустријата. Нискиот раст на индустријата се поврзува со влошената хидролошка состојба, која во најголема мера придонесе за забавување на годишниот раст на производство на електрична енергија.

Очекувањата за следните две години, според проекциите од октомври, покажуваат понатамошен раст со забрзано темпо, па се очекува 2014-та година да ја заокружиме со раст на бруто домашниот производ од 3,7 отсто, а следната 2015-та година со скок од 4,4 отсто.

Главен носител на растот, како што се очекува, ќе биде извозот и инвестиции, кои во исто време ќе овозможат позитивни ефекти и врз пазарот на труд и ќе ја поттикнат потрошувачката на домаќинствата.