Позитивни ефекти од проектот за странски експерти во домашни компании

Позитивните искуства на компаниите и задоволството на експертите, како и веќе видливите резултати, се силен доказ за успешноста на огласот распишан од македонската Влада за привлекување и ангажирање на странски експерти-практичари со меѓународно реноме, кои со своето знаење ќе им помагаат на домашните компании.

Првите експерти- практичари кои ќе им помагаат на мекедонските компании веќе се во Македонија.

Ефектите од мерката се одлични, а тоа за македонската Влада е доказ за успешноста на огласот. Во краток временски интервал има подигнување на профитабилноста или од аутпутот на компанијата која ангажирала експерти. Владата направи еден динамичен план, по кој ќе се одвиваат работите, за успехот да биде уште поголем.

„Ние цениме дека овој проект е еден многу значаен проект кој дава добри резултати за самите компании, впрочем и самиот нивен одглас кој го добиваме е таков, дека овие експерти кои биле веќе кај нив, помагаат за остварување на подобра профитабилност во рамките на самите овие компании. Согласно динамичкиот план, на секои 45-60 дена, во Македонија ќе присуствуваат по 15-тина странски експерти. Во еден догледен период од една година, треба да поминат сите оние 100 компании кои изразија интерес на отворениот владин оглас. Досега во Македонија беа експерти од информатичката, прехрамбената индустрија. Сега сме во исчекување на оние експерти кои ќе дојдат и ќе работат во компаниите од областа на туризмот, производството, градежништвото, прехрамбената индустрија. Очекуваме дека со нивните совети, како и оние во минатото што ги даваа на нашите компании, ќе се придонесе за дополнителен раст на самата дејност на претпријатието, за подобра профитабилност, ефикасност и продуктивност во секој аспект на функционирање на претпријатието,“ рече портпаролот на македонската Влада, Александар Ѓорѓиев.