Познат идентитетот на напаѓачот од Требе

Редоан Лекдим (26) е терористот кој уби тројца, а рани уште неколку лица кои ги држел како заложници во градот Требе, а одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон од Брисел изјави дека најверојатно станува збор за терористички напад и дека безбедносни сили го опколиле подрачјето, а најави и дека ќе останат на сила мерките на зголемена подговтвеност.
Медиумската мрежа БФМ ТВ објавила дека напаѓачот тврдел дека припаѓа на ИД и побарал од затвор да биде ослободен Салах Абделслам, преживеаниот учесник на терористичкиот напад на ИД во Париз во 2015 година кога загинаа 130 лица.

– Станува збор за ситен криминалец од Каркасон кој дејствувал сам. Беше познат по ситниот криминал. Го следевме, но верувавме дека не се радикализирал- изјавил министерот за внатрешни работи, Жерард Колом.

Во изјава на интернет страницата на ИД се наведува дека војник на калифатот го извршил нападот, но не се изнесени други поединости ниту докази дека Лекдим бил нивен следбеник.

Медимуите пренесуваат дека во завршницата на заложничката криза останал Лекдим и полицаец кој таму влегол доброволно, во замена за заложниците, по што терористот бил убиен.

Бруно Барточети, регионалниот претставник на полицискиот синдикат, рекол дека напаѓачот крвавиот пир го почнал во Каркасон каде грабнал автомобил. Му пукал во главата на патникот и го убил, а го ранил и возачот. Потоа тргнал кон Треби, град оддалечен 20 минути возење. Кога дошол во Требе Лекдим забележал група полицајци како џогираат, па истрелал неколку куршуми кон нив. Тогаш во рамото бил ранет еден од полицајицте, кои ги алармирале колегите. Убиецот се паркирал пред супермаркетот и влегол внатре со повиците „Алаху Акбар. Сите ќе ве убијам“.
Локалниот весник наведува дека една од жртвите е месар кој работел во супермаркетот. Вкупниот број повредени се проценува на 17 лица.

Карол, една од заложниците, по нападот рекла дека во супермаркетот имало десетина лица.

– Здогледав врата од ладилникот и ги повикав луѓето да дојдат со мене и да се скријат. Останавме внатре еден час. Слушнавме повеќе истрели, а потоа се извлековме преку задниот влез- рекла заложничката за радио „Франс инфо“.

Франција е во состојба на зголемена подготвеност од 2015 година по серијата џихадистики напади, а вкупниот број на убиени е поголем од 240. Вонредната состојба, воведена по нападот во Париз во ноември 2015 година беше укината во октомври лани.