Познат идентитетот на несовесниот возач кој прегази пешак во Илинден

Дваесет и тригодишен кумановец е несовесниот возач кој прегази 61-годишен пешак во скопската населба Илинден, информираат од Министерството за внатрешни работи.

На трети овој месец, Д.П.околу 21,30 часот, возејќи нерегистриран автомобил „Југо 45“ без возачка дозвола, удрил во 61-годишен пекаш кој преминувал неосветлена улица каде што немало обележан пешачки премин.

Откако го удрил, Д.П. не застанал да му укаже помош на повредениот пешак, кој поради пет тешки телесни повреди починал на местото на несреќата.

Кумановецот со возилото продолжил да се движи кон кумановското село Пчиња, каде што го паркирал возилото во неговиот двор и наредниот ден ги сменил  деловите од возилото, кои биле оштетени од сообраќајната несреќа.

Полицијата извршила увид, по што биле најдени цели и скршени делови од непознато возило и подигнат е видео запис, кои се предадени за вештачење. Во изјава пред полициски службеници Д.П. кажал дека невидел во што удрил и бидејќи се уплашил, не застанал и продолжил да вози кон неговиот дом.

Полицијата против него поднесе кривична пријава за сторени кривични дела „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и „неукажување на помош на лице повредено во сообраќајна незгода“.