Познат идентитетот на прегазениот пешак во Охрид

Од здобиените повреди во сообраќајната незгода која утрово околу 8 часот се случи на улицата „15 корпус“ во Охрид, на лице место починал Славе П. (71) од Охрид кој во критичниот момент се обидувал да ја премине улицата на необележан пешачки премин.

Притоа, во него со предниот дел удрило патничко моторно возило марка „Пасат“ со охридски регистарски таблици кое од селото Лескоец се движело кон Охрид. Возилото било управувано од С.М. (53) од Охрид.

За кратко време на местото на тешката сообраќајна незгода пристигнало возило на брза помош при што од медицинските лица била констатирана смрт. На лице место извршен е увид во присуство на јавен обвинител како и полициски екипи од СВР Охрид.

По наредба на јавниот обвинител, во текот на денов врз телото на сега починатиот ќе биде извршена обдукција како и вештачење врз патничкото моторно возило.