Познат идентитетот на загинатите во сообраќајката кај Кичево

Три лица ги загубија животот во тешката сообраќајна незгода што синоќа во 19 часот и 10 минути се случи на магистралниот пат Гостивар-Кичево во близина на селото Букојчани.

– Од здобиените повреди, на лице место починале Халит А.(16), Адмир В.(19) и Зуфер З.(46), сите од кичевското село Колари. Нивната смрт е констатирана од лекар од Брза помош. Во сообраќајната незгода, со телесни повреди се здобиле Џ.Ј.(50) од селото Букојчани и А.М.(25) од селото Зајас, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Сообраќајната незгода, како што појасни, се случила кога возило марка „форд ескорт“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од сега починатиот Зуфер З. кое се движело по магистралниот пат во правец од Гостивар кон Кичево, директно удрило во приколка од трактор во која се превезувало огревно дрво. Во возилото „Форд Ескорт“, сопатници биле сега починатите Халит А. и Адмир В.

Од силинината на ударот, тракторот управуван од сега повредениот Џ.Ј. се откачил од приклучната приколка и излетал надвор од коловозот на десната страна. Во тракторот како сопатник се наоѓал и сега повредениот А.М.

На местото на сообраќајната незгода, извршен е увид во присуство на јавен обвинител и полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Кичево. По наредба на јавниот обвинител, врз телото на починатиот Зуфер З. денеска ќе биде извршена обдукција. Двете возила се предадени на дополнителен технички преглед.