Познати имињата на кумот и здравичарот на „Бадник 2015“

Граѓанското здружение „Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје„ на прес конференција во општина Центар ги соопшти имињата на кумот и здравичарот за престоната манифестација „Бадник 2015“ која традиционално се одржува по 23 –ти пат.

Кум на „Бадник 2015“ ќе биде Сашо Џиковски – Бато, а здравичар Благоја Анчевски – Дечко .

Имено Сашо Џиковски – Бато е познат бизнисмен и хотелиер, градежник и сопственик на форма за производство на метална галантерија, а во последниве петнаесетина години успешно го води хотелот Арка во старата чаршија. Тој истакна дека поканата да биде кум на „Бадник 2015“ ја прифатил со задоволство затоа што смета дека почитувањето и продолжувањет на традициите е основа за напредок и натамошен просперитет.

-Традиционалното славење на Бадник секоја година ни претставува нов почеток, а неговото одбележување секогаш ме воодушевува. Ја прифатив поканата со доза на страв, кој набрзо го снема бидејќи организацијата е сериозна, темелна и многубројна. Радоста што доаѓа заедно со поканата е уште една обврска за мене како скопјанец да се продолжи традицијата уште многу години, истакна Џиковски и додаде дека бадникарската манифестација е една од најголемите и највпечатливите.

За Благоја Анчевски – Дечко од организацијата велат дека засега е единствениот здравичар што со труд си ја заслужил титулата за престојниот бадникарски празник. Тој е со Бадникарите од 1993 година, активно работи и учествува во сите повеќемесечни активности на Одборот.

Тој искажа благодарност за неговото одбирање за здравичар и додаде дека да се биде на оваа титула е голема одговорност и претставува вистинска чест.

Традиционално на 28-ми декември од падините на Водно на скопјани ќе им биде обзнането дека се е готово за централното одбележување на Бадник на 6 ти јануари на платото пред Соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје.