Познати новите министри и заменици

Рената Дескоска од СДСМ како министер за правда, Арбр Адеми од ДУИ како министер за образование, Асаф Адеми од БЕСА како министер за култура и Бардуљ Даути од ДПА како министер без ресор за странски инвестиции се предлозите на премиерот Зоран Заев за реконструкција на владиниот кабиент. Предлозите се поднесени до Собранието, а истите би требало да бидат изгласани на седница следната среда или пак, идниот петок што се поклопува со годишнина од изборот на владата на Заев.

Министерска и заменик-министерска функција за ДПА, една министерска позиција за БЕСА и заменик-министерско место за партијата на Турците. Ова е епилогот од неколку месечните преговори за влез на нови партии во власта. ДПА добива министер без ресор задолжен за странски инвестиции, за која е предложен Бардуљ Даути, како и заменик-министер за транспорт и врски, каде ќе седне нивниот кадар, Сабдик Беќири. БЕСА го добива министерството за култура, кое ќе го предводи Асаф Адеми, поранешен амбасадор во Данска, кој во моментов е и генерален директор на данска компанија.

Партијата на Турците доби заменичко место во труд и социјала, каде ќе седне Ѓонул Бајрактар.За да отстапат места за новите партнери, СДСМ и ДУИ направија трампа во ресорот образование, каде на местото на Рената Тренеска Дескоска доаќа нејзиниот досегашен заменик, Арбр Адеми. Таа, пак, заминува во правда, од каде оставка си поднесе Билен Салии, досегашен кадар на ДУИ. Салии и Роберт Алаѓозовски, кој го отстапи министерството за култура, си поднесоа оставки на функциите. СДСМ и ДУИ направија трампа и за заменик-министерското место во Здравство, каде на местото на Гоце Чакаровски доаѓа Асим Муса.

Без свои луѓе во владата останува Алијанса за Албанците, чии кадри, тројцата заменици министри, исто така си поднесоа оставки. Арта Точи, Елми Азири и Ремзи Мехмети останаа на функциите иако нивната партија ја напушти владејачката коалиција. На местото на Точи доаѓа поранешниот градоначалник Андреј Жерновски.

Заменичкото место во Министерството за образование ќе остане празно се` додека не биде избран новиот состав на ДИК. За оваа позиција е предложен Петар Атанасов, пратеник од редовите на СДСМ, но не е на списокот затоа што првин ДИК ќе треба да го верификува изборот на пратеникот кој ќе стапи на негово место.