Познати се полуфиналните двојки за плеј-офот од кошаркарската Супер лига

Со одигрувањето на натпреварите од последното 10-то коло во Супер лигата, познати се сите четирите екипи кои ќе разигруваат за шампионскиот трофеј во кошаркарскиот шампионат на Македонија.

Тимот на Куманово е последниот кој се пласира во полуфиналето, откако претходно тоа веќе го имаа сторено МЗТ Скопје Аеродром, Работнички и Карпош Соколи.

Иако во денешниот меч одигран пред својата публика, кошаркарите на Куманово беа поразени од МЗТ Скопје А. со 61-80 сепак благодарение на поразите од Кожув и Фени Индустри, составот на Куманово го освои четвртото место на табелата со една победа повеќе во однос на конкурентите.

На другите две средби од ова последно 10.коло. Екипата на Работнички во Кавадарци го победи Фени Индустри со 89-71 и го осигура второто место, додека како трет заврши Карпош Соколи кој попладнево беше подобар од Кожув со 85-77.

По овие резултати конечниот изглед на табелата е: МЗТ Скопје Аеродром 19 бода, Работнички 17, Карпош Соколи 17, Куманово 13, Фени Индустри 12 и Кожув 12.

Со тоа познати се и полуфиналните двојки во кои МЗТ Скопје Аеродром за противник ќе го има Куманово, додека Работнички и Карпош Соколи ќе се борат во вториот полуфинален дуел.

Дуелите од плеј-офот ќе старуваат во петок (5 мај), а ќе се игра во три добиени натпревари.

Инаку следната сезона покрај овие шест екипи пласман во Првата ига изборија, Струмица, АВ Охрид, Гостивар и Радовиш.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.