Познатиот НБА тренер Ренди Фанд во посета на Македонија

Познатиот НБА тренер Ренди Фанд, кој се наоѓа во посета на Македонија, денеска беше примен во Агенцијата за млади и спорт од страна на директорот Марјан Спасески. На средбата се разговараше за идните насоки на дејствување во развојот на македонската кошарка. Ова е трето доаѓање на американскиот стратег во нашата земја.

– Во трите досегашни посети на Македонија и средбите што ги остварив со одговорните за спортот и за кошарката имам впечаток дека добро се работи со младите и оти се повеќе луѓе се инволвирани во спортот. Се гледа дека целокупното општество е насочено кон спортот, особено кон кошарката,благодарение на последните успешни игри на македонската кошаркарска репрезентација на ЕП во 2011 година – изјави Фанд.

Фанд додаде дека целта на посетата на Македонија е отварањето на кошаркарска академија која ќе фунционира по системот во НБА за младинските категории.

Директорот Спасески се заблагодари за целокупната поддршка што Ренди Фанд ја посветува на развојот на кошарката во Македонија и додаде дека секое негово присуство во Македонија е проследено со особено внимание кај спортската јавност, особено кај кошаркарските стратези.

Гостинот од Америка беше придружуван од поранешниот репрезентативец во кошарка Ѓорѓе Војновиќ.

Ренди Фанд е поранешен асистент тренер на Пет Рајли и Мајк Данливи во Лос Анџелес Лејкерс (1986-1988), кога успеа да го освои и шампионскиот прстен во НБА лигата. Во 1992 година станува главен тренер на ЛА Лејкерс, каде остана уште две сезони пред да биде наследен од Меџик Џонсон. Во својата богата кариера беше и генерален менаџер на Мајами Хит се до септември 2008 година.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.