Практична обука на учениците од „Илинден“ во Кемет електроникс

Општина Илинден и компанијата Кемет електроникс потпишаа Меморандум за соработка во областа на образованието, со кој американската компанија за електронски производи ќе обезбеди практична настава и обука во сопствените капацитети за учениците од средното стручно училиште „Илинден“.

Меморандумот за соработка го потпишаа градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски и управителот на Кемет електроникс, Гуидо Галени, кои што средбата ја искористија и за посета на средното стручно училиште „Илинден“, како и Домот на култура „Илинден“.

Со потпишувањето на овој меморандум, а со цел збогатување на знаењата на учениците преку практична настава и обука, Општина Илинден ја проширува соработката со локалниот бизнис сектор на полето на образованието, како една од најважните области за развој и фактор на модерен раст.

Меморандуми за соработка со кои се овозможува подигнување на нормите, вредностите и стандардите во образованието, како и подобрување на квалитетот и ефикасноста на стручното образование во средното стручно училиште „Илинден“, Општина Илинден досега потпиша со компаниите МЕПСО, Џонсон Контролс, Џонсон мети, Ван Хол и ОКТА.

Соработката со бизнис секторот е дел од приоритетите на Општина Илинден во насока на намалување на невработеноста. Тоа беше и главна цел поради која се воведе средно образование кое што профилира кадри според потребите на локалната бизнис заедница, практика од поодамна позната во светот, која што кај нас за прв пат се применува во Општина Илинден.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.