Прашањето за името не е на политичката агенда на Грција

Прашањето за името не е на политичката агенда на Грција
Прашањето за името не е на политичката агенда на Грција

Иако во грчките политички кругови и локалните медиуми прашањето за името последниве денови е актуелна тема, уставното име на Македонија не е на агендата на грчката политика, најмалку до крајот на годинава, јави дописникот на МИА од Атина.

Последниве денови во грчките медиуми, во парламентарните расправи, во односите Влада – опозиција, актуелно е прашањето за името на Македонија. Сепак, во сите сегменти, не се зборува за решавање на спорот, туку се работи за препукувања за тоа кој од Сириза кога рекол Македонија, кој е поголем патриот кога е во прашање името и кој во меѓувреме ги омекнал ставовите.

Се почна со министерот за миграции Јанис Музалас, кој во едно телевизиско интервју, зборувајќи за бегалската криза, нашата земја ја нарече Македонија. Покрај опозицијата, овој „јазичен лапсус“, како што го нарече Владата и самиот Музалас, предизвика огорчени реакции и кај лидерот на колицискиот партнер на Сириза, Независни Грци, Панос Каменос, кој е и министер за одбрана. Каменос бараше оставка од Музалас, му порача на Ципрас дека неговиот министер веќе ја нема поддршката од Независни Грци, па дури ја доведе и во прашање соработката меѓу коалициските партнери во грчката Влада. Ципрас уште веднаш рече дека „пробемот со Музалас“ нема да влијае врз односите со коалицискиот партнер, застана во одбрана на Музалас и, очигледно, во меѓувреме успеа да го смири Каменос, што се виде и од изјавата на министерот за одбрана во грчкиот Парламент, кој го смени својот став и рече дека Музалас направил само јазична грешка.

Реакциите по социјалните мрежи и на блоговите по оваа изјава на Каменос се безбројни. Од тоа дека „ја продал Македонија, а до вчера тврдеше дека Македонија е грчка“ до „да не беше тажно ќе беше смешно колку му се покорува на Ципрас и слуша се што ќе му нареди премиерот“. Сепак, за да се смират страстите внатре во Независни Грци, чии позиции по ова прашање се радикални и партискиот став е да не се дозволи во името на нашата земја да стои ниту зборот Македонија, со соопштение се огласи министерката за Македонија и Тракија, која доаѓа токму од редовите на патијата на Каменос. Со соопштение коe како да и го пишувал лично Каменос, Марија Колиас Царуха потенцира дека „Македонија е една и грчка…Не постои Македонија вон Грција… Грција е незамислива без Македонија“ и им порача на оние „кои не сакаат да признаат колку Македонија значи за целиот хеленизам, барем да внимаваат како се изразуваат“.

Сепак, коментираат аналитичарите, сето ова не е доволно да се сврти вниманието на грчката јавност од тековните тешки преговори со кредиторите на земјата и бегалската криза. Претставниците на кредиторите допрва треба да ја завршат ревизијата на реформите кои требаше да се спроведат за Грција да добие финансиска помош, по што би требало да почнат разговорите за отпишување на долгот, што е единствен начин земјата да се придвижи напред. Грција доцни со реформите, а резултатите се многу слаби.

Токму затоа, прашањето за името воопшто не е на агендата на грчката политика. Познавачите на состојбите така и го протолкуваа соопштението на грчката Влада кое се состоеше од неколку веќе добро познати зборови: „ставот на Грција е име со географска одредница за севкупна употреба“. Кусо и со јасна порака дека официјана Атина нема намера да се занимава со тоа кој, што, и кога рекол, велат аналитичарите.

Во прилог на ова се и изјави на грчки дипломати кои за „Катимерини“ рекле дека „разликите за името на Македонија меѓу Атина и Скопје , повеќе не се на американскиот список на „прашања зрели за решение“ до крајот на претседателскиот мандат на Барак Обама. Името не спаѓа во прашањата на американската надворешна политика кои би можеле да бидат затворени пред 20 јануари, 2017 година, денот на инаугурацијата на новиот американски претседател, нагласиле дипломатите.

„Сите големи играчи сега се чини дека решавањето на грчко-македонскиот спор го ставаат на второ место, со оглед на тоа што позицијата на Атина веќе е многу тешка што се должи, меѓу другото, и на бегалската криза со која се соочува. Токму иста перцепција за оваа тема има и во Берлин каде што се проценува дека Грција веќе има доволно отворени прашања и не треба да се доведе до тешка позиција да се соочи со уште еден проблем што може уште повеќе да ја оптовари ситуацијата во земјата“, напиша „Катимерини“ повикувајќи се на дипломатски извори.