Пратенички прашања: Ќе се градат нови градинки во Битола

На седницата за пратенички прашања која во моментов е во тек во Собранието на Република Македонија, правото да постави пратенички прашања до претставниците од Владата на Република Македонија го искористи и пратеникот од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски.

Првото поставено прашање беше во врска со изградбата на пругата Битола – Кременица, проект кој е предвиден во Програмата на Владата на Република Македонија, односно тој побара повеќе информации во врска со проектот за реконструкција на пругата Битола-Кременица.

Одговорот на ова пратеничко прашање го даде министерот Миле Јанакиески, кој нагласи дека покрај тоа што ќе се гради и реконструира овој проект, предвидено е и да се изгради крак до индустриската зона Жабени, што драстично ќе ја подобри инфраструктурата во оваа зона. Во текот на месец декември потпишан е договор со бугарски конзорциум и очекувањата се некаде во првиот квартал од 2015 година да се започне со реализација и градежни активности на овој проект, а тоа би траело околу 18 месеци.

Второто прашање беше наменето до министерот за труд и социјална политика во врска со зголемувањето и зајакнувањето на капацитетите за згрижување деца во Битола со нови градинки согласно потребите на граѓаните.

Министерот Диме Спасов во врска со ова прашање посочи дека оваа година министерството инвестираше во адаптација и опремување на објект за детска градинка во Долно Оризари во Општина Битола. Имено, оваа година досега се отворени 10 вакви објекти, дополнително уште 2 градинки се завршени и набрзо ќе бидат отворени и уште 7 објекти се во тек. Во комуникација со Општина Битола се бараат начини како да се потенцијални приватни инвеститори кои би инвестирале во овие капацитети во Општина Битола. На крај, министерот нагласи дека во наредните години, во зависност од Буџетот на министерството има простор за зголемување на овие капацитети за згрижување на децата.

Последното прашање беше упатено до министерството за животна средина и просторно планирање околу функционалноста на мерната станица за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух поставена во центарлното градско подрачје. Конкретното поставено прашање беше, дали и кога ќе биде поправена и ставена во функција втората мерна станица во Битола.

Заменик министерот за животна средина во врска со ова прашање даде кус и конкретен одговор и посочи дека ставањето во функција на оваа мерна станица се планира да биде ставена во функција во почетокот на наредната 2015 година, односно веднаш по новогодишните празници.