Македонија

Заврши распитот на пратениците Притворени пратениците Муковски, Арнаудов и Василевски

Притворени пратениците Муковски, Арнаудов и Василевски

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов и Крсто Мукоски, раното попладнето во вторникот придружувани од полициски службеници, го напуштија скопскиот Кривичен суд, и беа внесени во полициски комбиња откако заврши распитот на сите шест опозицски пратениците Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Љупчо Арнаудов и Сашо Василевски пред судија на претходна постапка за насилствата во Собранието од 27-ми април годинава, а на последните тројца им е одредена мерката притвор.

Пратеникот Љубен Арнаудов беше ставен во полициско комбе и судот му одреди мерка притвор. За притворот на Арнаудов веќе има потврда, додека, за пратеникот Крсто Мукоски, иако беше ставен во полициско комбе,  официјалната потврда од судот дојде подоцна.

Според се’ уште официјално непотврдени информации, Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски и Сашо Василевски се првите тројца од шестмината пратеници кои добија решенија за изречена мерка притвор

Другите тројца Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски , кои претходно денеска заедно со Арнаудов, Василевски  и Мукоски беа на распит пред судија на претходна постапка за насилствата во Собранието од 27-ми април годинава, се’ уште се во судот. Согласно законот, по завршувањето на распитот, судиите на претходна постапка се должни најдоцна за шест часа да донесат решенија дали ќе им одредат притвор за шестемина пратеници.

Распитот на пратениците траеше неколку часа. Тие одделно дојдоа во судот, а куса изјава за медиумите пред влегувањето даде само пратеникот Мукоски, кој рече дека правно гледано, според него, нема аргументи за притвор, но, како што наведе, остава на судот да одлучи за тоа и верува во него.

Шестемина пратеници пред судот ги пречекаа и неколкумина нивни колеги од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за да им изразат поддршка.

Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Љупчо Арнаудов и Сашо Василевски се дел од 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27-ми април годинава во Собранието на Република Македонија.

Во петокот, Собранието на Република Македонија им го симна имунитетот, а известувањето до Кривичниот суд од Парламентот пристигна вчера по што тоа беше доставено на надлежните судии на претходна постапка, со што се создадоа услови да се постапува по предлогот на обвинителството.