Пратениците ги утврдија седумте Нацрт-амандмани во Уставот

Собранието на Република Македонија на денешната 12. седница ги утврди нацртите на седумте амандмани на Уставот.

Со 65 гласа „за“, два против и еден воздржан Собранието попладнево го утврди Нацрт амандманот 33 од Уставот на РМ, со кој бракот се дефинира исклучиво како заедница меѓу еден маж и една жена, а регистрирањето на вонбрачната заедница да биде исклучиво меѓу еден маж и една жена.

Пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека тоа е во согласност со сваќањата на најголемиот број граѓани за бракот исклучиво да биде заедница меѓу еден маж и една жена, и тоа без оглед на нивната верска или етничка припадност. Со утврдувањето како уставна категорија, тој оценува дека бракот и семејството дополнително ќе се заштитат и афирмираат.

Пратеничката Роза Топузовска – Каревска смета дека ограничувањето и дискриминацијата несмеат да бидат одлика на било кое демократско општество.

Според неа, вака дефинираниот амандман доведува една значајна категорија на луѓе во неповолна положба. – Во тој случај се става во понеповолна положба една категорија на граѓани, чиј процент во светски размери е околу 13 до 15 проценти, додаде таа.

Со 67 гласа „за“, еден воздржан и ниту еден глас против пратениците го утврдија Нацрт амандманот 34 од Уставот на РМ.

Образложувајќи го Нацрт амандманот 34, заменик-министерката за правда Билјана Бришкоска-Бошковски истакна дека со него се дава уставна можност за основање на меѓународна финансиска зона во која би се применувала посебна правна регулатива по највисоки меѓународни стандарди, освен прописите од областа на кривичното право на Република Македонија. На овој начин, како што вели, ќе се поттикне развојот на финансиските услуги во Републиката преку создавање услови за привлекување на меѓународни финансиски трговски друштва.

Република Македонија, како што рече таа, ќе се етаблира на меѓународната финансиска мапа како дестинација во рамките на која би работеле меѓународни финансиски фондови и банки што ќе даде позитивен ефект за економскиот развој на Републиката, односно ќе придонесе за зголемување на бруто домашниот производ и за отварање на можност за нови вработувања и тоа на лица со соодветно високо образование.

Пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ поддржувајќи го амандманот, истакна дека формирањето на меѓународната финансиска зона по примерот на Луксембург, Ирска, Велика Британија, Малта и други земји членки на ЕУ, ќе придонесе за зголемување на бруто националниот доход и за други економски погодности за државата. Предложеното решение, како што додаде, е во согласност со високите меѓународни стандарди.

Собранието со 67 гласа „за“, без воздржани и против го утврди Нацрт аманданот 35 од Уставот на Република Македонија.

Образложувајќи го Нацрт амандманот 35, заменик-министерката за правда Билјана Бришкоска-Бошковски рече дека тој се однесува на изменувањето на називот на Народната банка на РМ во Банка на РМ.

– Ова се предлага бидејќи се оценува дека овој назив е посоодветен и одговара на компаративните искуства во други држави, а редефинирањето на нејзината улога е во правец на утврдување на основната цел на Банката, а тоа е постигнување и одржување на ценовната стабилност во државата, истакна Бришкоска-Бошковски.

Собранието со 68 гласа „за“, без против и воздржани го утврди Нацрт аманданот 36 од Уставот на Република Македонија, кој се однесува на уставното дефинирање на Државниот завод за ревизија.

Заменик-министерката за правда укажа дека овој Нацрт амандман има за цел да обезбеди поголема негова самостојност и независност, согласно со меѓународните стандарди. – Ова е и исполнување на критериумите за пристапните преговори утврдени од Европската комисија во 2006 година, рече таа.

Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија нагласи дека ова мора да се внесе во Уставот на РМ, бидејќи со тоа се дефинира независноста на Државниот завод за ревизија.

Собранието го утврди и Нацрт аманданот 37 од Уставот на Република Македонија, со кој како што појасни заменик-министерката за правда Билјана Бришкоска-Бошковски се предлага фиксно да се утврди дека дефицитот на Буџетот не смее да надмине ниво од 3 отсто од бруто домашниот производ, а јавниот долг не смее да надмине ниво од 60 отсто од бруто домашниот производ.

Со оваа иницијатива, како што рече таа, ќе се гарантира фискалната дисциплина и стабилност во државата, но и ќе придонесе за транспарентност за користењето на буџетските средства, а што како решенија го имаат повеќе европски држави. Отстапување од фискалните правила, со предложеното решение се предвидува само во исклучителни ситуации кои ги утврдува Собранието со дво-третинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Воведувањето на фискалните правила ќе биде во функција на подигнување на финансиската одговорност и дисциплина на носителите на економските политики во државата.

Според пратениците од владејачкото мнозинство на овој начин, Република Македонија се приклучува кон осумте земји, членки на ЕУ кои со устав имаат предвидено фискални правила во рамките на кои се утврдува фискалната политика на државата.

Собранието го утврди и Нацрт амандманот 38 со кој се предвидува од составот на Судскиот совет да се изземат министерот за правда и претседателот на Врховниот суд кои според постојното уставно решение се членови по функција.

Заменик-министерката за правда Билјана Бришкоска-Бошковски потенцира дека тоа е во насока на зголемување на бројот на членовите на Советот од редот на судиите кои тие сами ги избираат, а што е во согласност со меѓународните стандарди за независност на судството и со искуствата од повеќе држави.

Собранието со 66 гласа „за“ го утврди и Нацрт аманданот 39 од Уставот на Република Македонија со кој се воведуваат две важни новини во надлежноста на Уставниот суд – уставната жалба и Уставниот суд да одлучува по жалба на одлуките на Судскиот совет на РМ за избор и разрешување на судии и на оние на кои им е изречена дисциплинска санкција, исто така да одлучува по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители.

Уставна жалба имаат воведено повеќе европски земји, меѓу кои и од поранешна Југославија. Ќе биде уредена постапката за поднесување уставна жалба која ќе може да ја поднесат физички и правни лица на кои им се повредени слободи и права и ќе биде утврден рокот за поднесување на жалбата.

Заменик-министерката за правда Билјана Бришкоска-Бошковски образложи дека со новиот правен инструмент ќе се обезбеди повисок степен на правна заштита на слободите и правата на граѓаните кога тие им се повредени со поединечни акти или дејствија на државни органи, единици на локалната самоуправа или носители на јавни овластувања.

Бидејќи предвидува Уставниот суд да одлучува и по жалби на одлуките на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители за прашања во врска со изборот, разрешувањето или други дисциплински санкции, ќе биде обезбеден и повисок степен на заштита на судиите и јавните обвинители.

Нацрт – амандамни по изгласувањето во Собранието ќе одат на триесетдневна јавна дисксуија, по која Владата повторно до Собранието на РМ треба да достави предлог-амандмани во кои би биле вградени забелешки од дисксуијата. Се очекува целата постапка за носење на уставните амандмани да заврши до крајот на октомври.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.