Пратениците изгласаа: Чавков и Мисајловски се новите министри во Владата

Во рамки на 50-тата седница во Собранието на Република Македонија, пратениците дискутираа и гласаа за предлогот на претседателот на Владата Никола Груевски за избор на нови членови на владата.

Со по 71 глас „за“, пратениците  го избраа Мисајловски за нов министер за транспорт и врски, а Чавков е нов министер за внатрешни работи.

Изборот на двајцата министри следува по вчерашните оставки на Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.

Во своето обраќање, премиерот Груевски посочи дека станува збор за кадри кои се способни и проверени.

За Митко Чавков, Груевски рече дека веќе 28 години работи посветено во МВР на сите нивоа почнувајќи од инспектор, па до директор на Бирото за јавна безбедност, именуван од Владата.

-Исклучително искусен човек, со ниту една дамка во својата кариера. Јас подобро го запознав во последниве неколку години, особено откако е на оваа многу одговорна функција која со голем професионализам ја извршуваше. Беше дел од успесите на МВР во изминатиот период и одлично е навлезен во започнатите реформи во министерството, но и во сите други активности на МВР. Со обзир дека е човек кој одлично го познава министерството, тој ќе знае да го извлече максимумот од секој поединец во министерството, рече Груевски.

За Мисајловски Груевски посочи дека станува збор за човек кој одлично ги познава проектите на министерството, реформите кои се во тек, во секторите кои се во надлежност на министерството, проектите од програмата на Владата и нивната динамика на реализација. Имајќи во обзир дека ги познава и вработените во оваа институција, тоа гарантира дека нема да има никаков застој во реализацијата на програмата во областа на министерството за транспорт.