сабота, 27 мај 2017  |  Вести денес: 21

Пратениците ја констатираа потребата за носење на пакетот пржински закони

Собранието на Република Македонија во рамки на 113. седница ја констатира потребата за носење на измените и дополнувања на Законот за внатрешни работи, на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на Законот за кривична постапка, на Изборниот законик и на Законот за Влада, сите по скратена постапка.

sobranie

Поврзани вести

Собранието на Република Македонија во рамки на 113. седница ја констатира потребата за носење на измените и дополнувања на Законот за внатрешни работи, на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на Законот за кривична постапка, на Изборниот законик и на Законот за Влада, сите по скратена постапка.

Измените и дополнувањата на овие закони беа договорени од страна на претставниците на политичките партии потписници на Договорот од Пржино во насока на подготовка на одржување предвремени парламентарни избори и излез од политичката криза.

Законите се носат по скратена постапка и се очекува тие да бидат изгласани во текот на утрешниот ден. Нивни предлагачи во Собранието се координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ Илија Димовски и Горан Сугарески и пратениците Артан Груби од ДУИ и Беким Фазлиу од ДПА.

Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека веќе долго време во јавноста се зборува и се знае за овие закони и оти пратениците предлагаат тие да бидат донесени.

Со измените и дополнувањата на Законот за внатрешни работи, како што стои во текстот на законот, се предлага организацијата и работата на Министерството да се утврдува со Уредба донесена од Владата на Република Македонија. Со предложениот закон се предлага одложена примена на предложените нормативни решенија од 01.01.2017 година, согласно постигнатиот политички договор.

Измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се предвидува  МРТ во Република Македонија да обезбеди најмалку еден телевизиски програмски сервис на македонски јазик и еден телевизиски програмски сервис на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните кој е различен од македонскиот јазик, кои ќе емитуваат програма 24 часа секој ден во неделата, како и телевизиски програмски сервис кој ќе емитува програма на јазиците на друите не мнозински заедници во Република Македонија. Исто така дел од измените предвидуваат усогласување со Законот за прекршоци.

Со измените на Изборниот законик се предлага намалување на глобите што ќе се изречат за прекршок за радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите). Со членот 7 се предлага додавање на десет нови членови по членот 196-б, со кои меѓудругото се уредува дека: правилата за медиумско претставување ќе се применуваат 100 дена пред денот на одржување на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, кои ќе се одржат во 2016 година, се предлага формирање Привремена комисија за следење на медиумско претставување во рамките на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги која ќе врши мониторинг на спроведување на одредбите од овој законик, формирањето на оваа Привремена комисија, нејзиниот состав и надлежностите, слободата на изразување на мислење на медиум односно новинар без притоа да бидат санкционирани, изрекување прекршочна санкција, опомена, доколку прекршокот е сторен првпат, се уредува дека на предлог на политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија, а по претходна консултација со двете политички партии на власт со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија и политичката партија во опозиција со втор најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија, од редот на експертите од областа се назначува уредник на информативната програма на Јавниот радиодифузен сервис и дека уредникот ја презема функцијата 100 дена пред денот на одржување на предвремените избори за пратеници во Собранието, кои ќе се одржат во 2016 година.

Исто така се допрецизира и Законот за кривична постапка во однос на полициските службеници во служба на јавниот обвинител.

Измените и дополнувањата на Законот за Влада предвидуваат, како што се посочува, заради организирање на предвремените избори за пратеници во Собранието кои ќе се одржат во 2016 година, Собранието на предлог на претседателот на Владата, сто дена пред денот на одржувањето на избори за пратеници избира министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, на предлог на опозицијата со мандат кој трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија, по што мандатот им престанува по сила на закон.

Исто така се предвидува министерот за внатрешни работи да може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во Министерството, во согласност со закон. МВР може да изврши и хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до 10 отсто од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година.

Мандатот на дополнителниот заменик на министерот трае од денот на неговиот избор до денот на објавувањето на конечните резултати од ДИК за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието кои ќе се одржат во 2016 година по што мандатот му престанува по сила на закон.

По престанувањето на функцијата на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, замениците министри ја преземаат надлежноста односно ја вршат функцијата министер за внатрешни работи односно министер за труд и социјална политика.

На собраниската седница беше констатирана и потребата за носење на измените и дополнувањата на Законот за нотаријат и Законот за извршување, по скратена постапка.  Се предвидува одложување на нивната примена и наместо да започне да се применува по четири месеци од денот на неговото влегување во сила, тој да започне да се применува од 1 јануари 2017 година.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски продолжението на оваа 113. седница го закажа за денеска во 18:30 часот, по завршување на седницата за пратенички прашања, но и одржувањето на матичните комисии каде треба да бидат разгледани и изгласани евентуални амандмани по законите.

Најчитани вести