Пратениците ќе расправаат за измените на Законот за азил

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 56-тата пленарна седница, со единствена точка на дневниот ред – Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за азил и привремена заштита, по скратена постапка.

Со законот се предвидува мигрант кој ќе ја помине границата да добие потврда дека во земјава може да остане најмногу 72 часа по што ќе мора да ја напушти или да побара азил.

Владата го прифати предложениот закон во понеделникот на седница, по што претседателот на Собранието Трајко Вељаноски имајќи ја предвид актуелната состојба и околностите кои бараат брзо постапување, свика посебна седница со единствена точка на дневен ред, а со цел брзо донесување на предложените законски измени, пренесува МИА.

Согласно предложеното законска решение, странец на граничен премин или во внатрешноста на земјата пред овластен полициски службеник може усно или писмено да искаже намера за поднесување барање за признавање на правото на азил. По искажување на намерата полицискиот службеник ќе треба да изврши евиденција на странецот кој ја искажал намерата и да го информира и да го упати дека во рок од 72 часа може да го поднесе барањето за признавање на правото за азил пред надлежните органи.

Не се знае бројката на илегалните мигранти кои секојдневно минуваат преку Македонија кон земјите од Западна Европа, а со овој закон се очекува да се олесни нивниот транзит низ земјава.

Жители на земји од Блискиот исток како Сирија, Иран и Авганистан и други, кои сакаат да стигнат до земјите од Западна Европа, секојдневно илегално ја поминуваат границата со Република Грција и влегуваат на територијата на Република Македонија.

Илегалните мигранти територијата на земјата ја минуваат пеш или со велосипед, бидејќи не смеат да користат воз или јавен превоз. Со законските измени, мигрантите во тие 72 часа ќе имаат право да користат јавен превоз, односно возови и автобуси.

Мигрантите во изминатите месеци се движеа и долж железничката пруга, каде се случија неколку несреќи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.