Македонија

Пратениците ќе расправаат за предлог законот за таблет компјутери за студенти

Пратениците ќе расправаат за предлог законот за таблет компјутери за студенти

Републичкото Собрание, денеска, во рамки на 40 седница,  ја утврди потребата по скратена постапка да се донесе Предлог законот за издавање вредносни бонови-ваучери и ги задолжи надлежните комисии да одржат расправа за законот, пренесе МИА.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски образложи дека  законот се носи по скратена постапка за да нема застој во подготовките и планираните активности и што поскоро да се пристапи кон издавање вредносни ваучери.

Со предложениот закон се предлага ваучери во износ од по 8.000 денари за обезбедување таблет компјутери со надворешна тастатура да се дадат на редовни студенти кои првпат се запишани во трета и четврта година, а се од семејства со месечни приходи до 32.741 денари бруто приход,  како и на студенти евидентирани како лица со посебни потреби запишани во која било година на студии.

Според Предлогот, за спроведување на законот се потребни 96.000.000 денари обезбедени од Буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација.

Редовниот студент својот статус дека е од семејство во кое вкупните месечни приходи не надминуваат 32.741 денари бруто приход ќе треба да го докаже со уверение од Управата за јавни приходи за остварени приходи по разни основи за 2014 година за двајцата родители или старатели на студентот поединечно и за самиот студент. Уверението се доставува до студентската служба на матичниот факултет. Студентот кој живее со еден родител или без родители тоа  го докажува со фотокопија од акт за престанок на бракот или извод од матична книга на умрените, а студентите кои засновале брак и оформиле семејство со фотокопија од извод од матичната книга на венчани.  За проверка на документите потребни за стекнување со вредносен бон-ваучер, Министерството за образование и наука формира меѓуресорска комисија. По прибирање и проверка на документите МОН изготвува листа на студенти кои можат да користат вредносен бон-ваучер и треба да ја достави до Министерството за информатичко општество и администрација најдоцна до 1 јуни годинава.

Ваучерите се со еднократна употреба, како учество за купување таблет компјутер од фирми регистрирани за дејности поврзани со трговија, одржување и поправка на компјутери. Фирмите можат да ги достават ваучерите за наплата до Министерството за информатичко општество и администрација најдоцна до 5 јули годинава. Половина од износот на парите за искористените ваучери МИОА треба да ги исплати најдоцна до крајот на годинава, а останатата половина до 31 јануари следната година, се наведува во Предлог законот.

Во рамки на проектот „Македонија – земја на информатичари“ во 2007, 2008 и 2012 година беше спроведена Програма за доделување на вредносни бонови – ваучери за купување компјутери. Во трите години беа искористени 28.319 ваучери за купување компјутери и таблети за што беа потрошени 398.267.000 денари.

На седницата на Собранието беше утврдена потребата по скратена постапка да се донесат и предлог законите за изменување на законот за административни службеници и за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Собранието  треба да ја продолжи седницата во 15 часот, откако ќе се создадат деловнички можности за расправа за законите, односно кога ќе бидат разгледани од матичните комисии и од Законодавно-правната комисија.