Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудуваат заканите кон Буралиева

Инцидентот во кој веќе по втор пат домот на пратеничката Љубица Буралиева е цел на закани во вид на непристојни пораки е најостро осуден од страна на пратеничката група на ВМРО-ДМНЕ.

Во продолжение следува нивното соопштение

Како пратеници и колеги повторно ќе нагласиме дека остро сме против било каков чин на насилство или насилничко однесување врз колегите пратеници без разлика на нивната политичка определба. Овој вид на дирекно заканување кон луѓето иако беше составен дел од едно друго време и еден друг систем на владеење, денес претставува крајно недемократски и ги загрозува човековите права на пратеничката Љубица Буралиева да размислува, дејствува и постапува онака како што таа мисли дека е исправно.

За сите оние кои не сакаат да се прават наивни станува јасноо дека зад овој настан стојат структури на СДСМ и уште повеќе станува јасно дека СДСМ ја замислува демократијата како систем во кој нив им е дозволено да се закануваат со насилство, да навредуваат, да омаловажуваат, да манипулираат со луѓето и да им забрануваат да имаат свое индивидуално мислење. СДСМ очигледно е истата онаа партија која што во времето додека беше моќна тепаше луѓе, затвораше луѓе, организираше притисоци и рекети. Тоа време помина. Граѓаните на Македонија ниту ќе дозволат, ниту ќе оправдаат вакво насилство никогаш повеќе. Колку почесто се случуваат вакви инциденти толку појасно станува колку многу СДСМ е уплашена.

Како пратеници во Собранието на Република Македонија сметаме дека ова однесување е незрело и срамно, бидејќи токму пратениците се претставници на граѓаните во Собранието на Република Македонија и ова не смее да се повтори во иднина.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апелира до надлежните институции во најкраток можен рок да се пронајдат виновниците за овој и предходниот немил настан.