Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа од Владата да ја запознае јавноста со текстот од договорот со Бугарија

Шест пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во вторникот уаптија писмо до премеирот Зорна Заев и до министерот за надворешни работи Никола Димитров со барање да бидат појаснети владините позиции во нацрт договорот за добрососедство со Бугарија, информираше претеникот Илија Димовски.

„До нас стигнаа информации објавени на многу бугарски информативни медиуми дека пратениците во бугарското Собрание веќе добиле можност да направат увид и да го погледнат нацрт договорот односно усогласениот договор меѓу Република Македонија и Република Бугарија“, рече Димовски.

Истакна дека ваквите информации и во македонската јавност и кај пратениците предизвикуваат загриженост а кај пратеници и дополнителна одговорнотст да преземат иницијатива и во името на граѓаните и во име јавноста уште еднаш дополнително да побараат од Владата , од премиерот Заев и од министерот за надворешни работи Димитров да направат можност и пратениците во македонското Собрание во име на граѓаните да имаат увид во овој нацрт усогласен договор со цел да се избегне каков и да е сомнеж за содржината и за целите на тој договор.

Подолу следува текстот од дописот потпишан од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, Антонијо Милошоски, Никола Попоски, Емил Димитриев, Трајко Вељаноски и Влатко Ѓорчев.
„ДО:
-Претседателот на Владата на Р. Македонија, г-дин Зоран Заев
-Министерот за надворешни работи, г-дин Никола Димитров
Почитуван Министер,
во Македонската јавност пристигнуваат информации од бугарските медиуми за наводни елементи на текст кој бил прифатен од Македонската Влада во однос на содржината на билатерален Договор помеѓу двете земји.
Во рамки на официјалната комуникација од македонски владини институции, срамежливо се потврдува дека текстот на Договорот е усогласен. Во јавноста се остава впечаток дека се прифаќа текст кој Владата посакува да го формализира надвор од очите на јавноста. Ваквата нетранспаретност е извор на загриженост
Собранието на Република Македонија, согласно уставот и законот за Надворешни работи има носечка улога во водење на надворешната политика. Оттука, цениме дека загриженоста може да биде надмината преку споделување на нацрт текстот или на усоглаесниот текст на договорот, со пратениците во Собранието на Република Македонија, како претставници на граѓаните. Тоа би било и во духот на ветувањата за транспарентност во работењето од страна на Претседателот на Владата на Р. Македонија г-дин Зоран Заев, како и на Вашите изјави дадени пред Комисијата за Надворешна политика дека текстот на договорот ќе биде споделен со пратениците во Собранието на Република Македонија, чија вклученост и поддршка самите ја побаравте.

Конечно, дали Владата на Република Макдеонија се’ уште стои на тоа дека ќе работи заедно со опозицијата за прашања од национален интерес и гарантира транспарентност или веќе во првата прилика ги газите принципите што ги најавивте, а од опозицијата очекувате да ви поддржи ваши договори без да може да учествува во процесот?

Ве поздравуваме, во очекување на текстот од Договорот и најскора заедничка дискусија во Собранието на Република Македонија околу националните позиции на оваа тема.“