Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на терен – ќе посетат 408 села

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ почнаа со најавените посети на 408  села во земјава. Десет тима веќе посетија 252  населени места, со цел да се задржи контактот со граѓаните, да се добијат директни и точни информации од тернот, да се разговара за проблемите и да се пронаоѓаат решенија.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ има зацртана цел да спроведува и пронајдува различни и нови методи за континуиран контакт со граѓаните. Ние немаме намера својата работа да ја работиме далеку од очите на граѓаните. Пратениците на нашата пратеничка група, без да прават разлика дали се наоѓаме во предизборен период или не, ќе стојат на располагање на граѓаните за било какви предлози, сугестии, идеи, забелешки и критики. Можеби полесно е да бидеме затворени во собраниската сала или уште повеќе лесно би било воопшто да не доаѓаме на работа, но ние одлучивме дека ќе го избереме одговорниот начин на вршење на оваа обврска. Се обидуваме да воведеме нови стандарди во извршување на функцијата пратеник во нашата држава, стандарди кои се присутни во поразвиените демократии. Средбите во населените места се без исклучок за сите граѓани без разлика на нивната партиска, етничка или религиска припадност. Ние се сретнуваме со сите, и со оние кои не поддржале нас, и со оние кои гласале за други политички опции, но и со оние граѓани кои воопшто не гласале. Поканите се дистрибуираат без исклучок“, истакна денеска Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ

Тој посочи дека  најголем дел на пратеничките прашања кои ќе ги постави пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на следната седница, ќе бидат базирани на информациите добиени од граѓаните и врз база на потребите и барањата кои тие ги пренеле на овие средби.

„За сите прашања кои не се во надлежност на пратениците и на Собранието на Република Македонија се грижиме да бидат информирани надлежните државни и локални органи. Информациите директно ги доставуваме до министерствата или до Општините низ Македонија и за сите прашања кои се реални и за кои може да се пронајде начин за решавање ќе ја следиме постапката до крај. Пратениците од нашата група веќе одржаа повеќе директни средби со Градоначалници и со раководители на државни органи со цел понатамошно проследување на потребите на граѓаните.Ние сме свесни дека не е возможно да се даде позитивен одговор на секое прашање, ниту пак да се реши секој проблем, но со силно темпо и посветена работа ќе покажеме дека сме заинтересирани да помогнеме и да бидеме блиски до граѓаните“, истакна Димовски.