Политика

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со својата пракса за контакт со граѓаните

Денес во општина Гази Баба беше отворена канцеларија за комуникација со граѓаните на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Олга Николовска. Оваа канцеларија е една од многуте кои се отвораат во сите општини од каде доаѓаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, преку кој се одржува постојан контакт со граѓаните од нивните места, без разлика на нивната партиска национална или религиска припадност.

– Канцеларијата во општина Гази Баба, ќе работи секој ден од понеделник до петок, од 10 до 15 часот, и во канцеларијата може да дојдат сите граѓани, без разлика на партиската националната или верската припадност. Нашата основна задача како пратеници е да бидеме во постојан контакт со граѓаните- истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Олга Николовска.

На отворањето на пратеничката канцеларија присуствуваше и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој го коментираше успехот на ваквата пракса на пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но и сличните теренски активности преку кои се обезбедува поголема комуникација помеѓу пратеникот и граѓаните од неговата изборна единица.

– Ова е начинот на кој што пратениците во Република Македонина треба да ги обавуваат своите обврски, блиску до граѓаните. Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ покажа голем степен на активност и иницијатива. Како што беше кажано, посетивме над 400 села во Република Македонија и тоа редовно ќе го правиме двапати во годината. Но во исто време ги активиравме повторно канцелариите за контакт со граѓаните кои што секој пратеник ги има во општината од која што е избран, односно од општината од која што доаѓа- истакна Илија Димовски

– Ефектот од оваа активност би сакал да кажам дека на почетокот на овие активности е задоволителен, затоа што преку различни пратенички прашања или преку различни иницијативи кои што ги имале пратениците од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ во минатите два до три месеци се разрешени голем број проблеми. Има неколку локални патишта кои што се ставени во програмата на Владата на Република Македонија. Има неколку училишта, градинки, кои што се приоритетно внесени во  активностите на извршната власт и всушност тоа треба да биде нашата работа. Ние сме тие кои што ги застапуваме граѓаните ги согледуваме приоритетите и преку лобирање преку разноразни пратенички институти, дали тоа ќе биде иницијативи за промена на закони, дали ќе биде тоа автентични толкувања, пратенички прашања, да бидеме секогаш на услуга на граѓаните- рече Илија Димовски.