Пратениците одлучија за распишување оглас за директор на ОТА

Пратениците во македонското Собранието во понеделникот донесоа одлука за објавување јавен оглас за избор на директор на Оперативно-техничката агенција (ОТА), и според неа за избор на директор се објавува јавен оглас во најмалку два дневни весника, на македонски и на албански јазик, кои се издаваат на целата територија на Република Македонија.

Директорот го избира и разрешува Собранието на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Се бира со двотретински мнозинство и со бадинтерово мнозинство. Има мандат од пет години, без право на повторен избор.

Фросина Ташевска Ременски, потпретседател на Собранието и пратеник од СДСМ потсети дека сите политички партии се согласиле дека критериумите за директор треба да бидат многу силни, не само во однос на политичката независност, туку и од аспект на тоа како се избира директорот.

Од собраниската говорница таа апелираше до сите професионалци кои ги исполнуваат условите и кои, како што кажа, немаат извалкано име да се пријават на огласот.

„На овој оглас треба да се јават професионалци кои немаат извалкано име, тука мислам и на оние можни кандидати кои имаат стручно, професионално знаење од областите и сферите што се дефинирани во законот“, рече пратеничката од владаејачката партија

Ташевска Ременски кажа таа нема да гласа за предлог на директор на ОТА кој бил дел од структура која учествувала во големата афера за следење на комуникациите на граѓаните, вклучувајќи го и самиот начин на непостапување и пропуштање на службени дејствија во случај да знаеле за злоупотреба.

Драган Данев, координатор на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кажа дека со злоупотреби со прислушпување Македонија се соочува дваесетина години и дека доколку добро се читаат извештаите на Прибе, ќе се види дека таму забелешките се дека во Македонија законите не се имплементираат, а не дека ги нема. Според него, директор на ОТА треба да биде човек со кредибилитет. Изрази надеж дека во иднина нема да се дозволат злоупотреби во следење на комуникациите.

Ејуп Алими од ДУИ смета дека верува дека изборот на директор на ОТА ќе овозможи Македонија да чекори по вистинскиот пат и да не се злоупотребува пшрислушувањето.

Агенцијата со амандманските измени на Закокот за формирање на ОТА ќе има само директор, а не и заменик, како што претходно беше предвидено.

Законите за следење на комуникациите и за ОТА, кои беа дел од пакетот реформски закони беа усвоени на 12 минатиот месец. Тие беа донесени со консензус, постигнат по разговорите во работните групи од страна на пратениците од владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.