Пратениците потрошиле половина милион евра за патарини и бензин

За половина милион евра е олеснет државниот буџет за патните трошоци на народните избраници во периодот март – ноември 2017 година, покажуваат податоците на собраниските служби, откако НетПрес објави дека социјалдеморкатската пратеничка Мира Стојчевска наплатила на име патни трошоци речиси 12.000 евра, а во деветмесечниот период, според тврдења во јавноста, дури шест месеци не се појавила на работното место на коешто ја изгалсаа избирачите.

Пресметките од бројките кои ги обезбеди агенцијата „Макфакс“ преку барања за слободен пристап до информации, велат дека секој пратеник за девет месеци работа во Скопје побарал надомест за гориво и патарини, по околу 10 до 12 илјади евра. На месечно ниво од сметката на Собранието за патување се одлевале по околу 50 илјади евра. Дури и во март и октомври кога во Парламентот немаше редовни седници ниту комисии, вели за ТВ21 новинарката Кристина Озимец, една од авторките на истражувањето:

Најголем број од пратениците, кои покрај платата се офајдиле со значајна сума за надомест на патните трошоци, се од владеачката СДСМ – 10. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ – 8, и по еден пратеник од „Алијанса за Албанците“ и ПЕИ. Токму пратеникот Алија Камберовски од ПЕИ кој патувал од Струга до Скопје и назад, е на врвот на листата според висината на исплатата – 12 847 евра. На второ место е пратеничката од СДСМ, Мира Стојчевска која патува од Битола и назад, – со исплатени 11.736 евра, а на трето место е Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ, која за девет месеци за гориво и патарини има наплатено без малку 11.500 евра.

Со исплата над 10 илјади евра според официјалните податоци се и пратеникот од Алијансата за Албанците Сурија Рашиди и генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски. Васко Ковачевски, Јован Митрески, Јагода Шахпаска, Жаклина Лазаревска, Бети Рабаџиевска-Наумовска сите од СДСМ побарале нешто помалку од 10 илјади евра, а со слични суми се исплатени и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска, Драган Цуклев, Зоран Илиоски и Емилија Александрова.

НетПрес петходно пишуваше дека пратениката Мира Стојчевска, инаку битолчанка, која беше кандидатот на СДСМ во Делчево во листатата на пратеници во третата изборна единица на истокот, се најде на високото 6-то место. Пратеничката за овие девет месеци добила 11.736 евра за патни трошоци.

Инаку, владеајчката СДСМ пред два месеци поднесе иницијатива за измени на правилникот, односно за намалување на патните трошоци на пратениците. Според предлогот се бара наместо 30 отсто од цената за потрошен литар бензин, да се добива 15 отсто.

Првата асоцијација во јавноста за големи исплати за патни трошоци и натаму е пратеничката од сега опозициската ВМРО ДПМНЕ, Силвана Бонева, за која СЈО веќе отвори истрага под сомневање дека вршела малверзации со фискалните сметки од патарините.