Македонија

Пратениците расправаат за загаденоста во градот, се бара распуст за учениците и бесплатен превоз

Пратениците расправаат за загаденоста во градот, се бара распуст за учениците и бесплатен превоз

Собранието на Република Македонија во рамки на 80-та седница ја продолжи расправата по Информацијата за загадувањето на воздухот во Скопје, поднесена од пратениците од опозицијата.

Со Информацијата тие  побараа веднаш  да се спроведат низа одлуки како распуст за учениците, привремено да се забрани изградбата на објектите во центарот на Скопје, да се забрани изградбата во Парк шумата Водно, да се престане со уништувањето на зеленилото, привремено да се забрани сообраќајот за тешките товарни возила во Скопје и за сите возила во центарот, ЈСП Скопје до 15 јануари да вози бесплатно, да продолжи гасификацијата, каде е можно веднаш да се забрани производството,…

Според опозициските пратеници загаденост и магла во Скопје и во другите градови имало и ќе има и во иднина, но како што велат  тие, сега има енормна загаденост на воздухот што негативно влијае врз здравјето на граѓаните.

Самка Ибраимовски од Партијата за целосна еманципација на Ромите побара да се направат анализи од загубите предизвикани од загадувањето. Таа смет дека екологијата значи постојано и ново вложување, кое пак  ќе доведе до отворање нови работни места.

„ Се предвидуваше дека со вложувањето во екологијата ќе бидат отворени нови работни места за околу 10.000 луѓе“, рече Ибраимовски.

Пратениците од владејачкото мнозинство ги обвинија пратениците  од опозицијата дека денеска многу помалку сакаат да говорат за загаденоста и бидејќи за нив е поважно одбележувањето на 24 декември. Тоа, како што велат, го покажаа со самиот факт што на почетокот на денешната седница побараа еден час пауза и тоа доволно говори дека нивното внимание повеќе е насочено кон 24 декември, отколку за здравјето и чистиот воздух во град Скопје.

Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија истакна дека како владејачко мнозинство ја прифатиле иницијативата и расправаат по информацијата за загадувањето на воздухот. Тој побара од пратениците на опозицијата наместо на седницата да дебатираат за настаните од 24 декември, да се приклучеа на акцијата „Засади го своето дрво, засади ја својата иднина“, со што ќе придонесеа за намалување на загадувањето на воздухот.

 

Пратениците  по редовната едночасовна пауза ќе ја продолжат расправата за загаденоста на воздухот.