Пратениците синоќа не избраа нови членови на ДИК

Талат Џафери, претседателот на Собранието синоќа не успеа да закаже седница на која требаше да се избере новиот состав на Државната изборна комисија и да се изгласаат измените во Законот за Влада и законот за финансирање на партиите. Пратеничките групи и по неколкучасовни преговори до доцна во ноќта не успеаја да се усогласат околу Законот за финансирање на партиите, инаку договорен на лидерската средба.

Официјално нема информација зошто Џафери ја најави, но потоа не ја закажа седницата на која само формално требаше да биде изгласано договореното од лидерската средба и формиран новиот состав на ДИК.

Неофицијално, пратеничките групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ не се усогласија во врска со некои членови од законот за финансирање на партиите, околу казните во делот за злоупотреба на службената положба и овластувања и замена на затворските казни со парични.

Засега нема најава за нова лидерска средба. Вчера лидерската средба заврши без договор за референдумот – за референдумското прашање, за карактерот на референдумот и терминот на одржување. Нема ни информации за можно одржување на собраниска седница за денеска.