петок, 24 март 2017  |  Вести денес: 27

Пратениците со едноминутно молчење за жртвите во Париз

Претходно претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ја посети Француската амбасада и во книгата на жалост во име на пратениците им одаде почит на загинатите

собрание

Поврзани вести

Со едноминутно молчење за жртвите од терористичките напади во Париз во петокот ноќта, Собранието на Република Македонија ја почна денешната 73. седница. Претходно претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ја посети Француската амбасада и во книгата на жалост во име на пратениците им одаде почит на загинатите, објави МИА.

По реакцијата на пратеничката група на опозицијата предводена од СДСМ во врска со одложувањето на одлуката за членови на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето, Вељаноски рече дека бара од претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувања Зоран Илиоски во 14 часот да закаже седница и одлуката да биде изгласана. По завршувањето на денешното заседание на седницата на која на дневен ред е Дополнувањето на предлог – Буџетот за 2016, спкерот рече дека ќе закаже нова седница за да се изгласа составот на Анкетната комисија, која се формира во согласност со Договорот од Пржино.

Илиоски објасни дека Комисијата за прашања на изборите и именувања, која претпладнево одржа седница, предлози за членови доставиле само СДСМ и ДУИ., додека ВМРО-ДПМНЕ и ДПА тоа не го сториле.

– Ние не бегаме од Договорот на којшто потпис стави и нашиот претседател, истакна Илиоски.

Петре Шилегов од СДСМ побара Вељаноски да го одложи почетокот на седницата за пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА до достават членови на Анкетната и да не се одолговлекува имплементирањето на договорот од Пржино.

Деловнички, објасни Вељаноски, предлогот на Шилегов не може да го стави на дневен ред бидејќи тој не е координатор или заменик-координатор на пратеничка група. Претходно на редовната понеделничка координација, како што ги информираше пратениците, од ВМРО-ДПМНЕ информирале дека во текот на денот ќе биде доставен предлог од нивна страна и дека под итно ќе закаже нова седница за да се изгласа составот на Анкетната.

ДУИ, според пратеникот Џевад Адеми, не го разбира пролонгирањето на формирањето на Анкетната комисија и рече дека како обврска од договорот од Пржино, комисијата мора да се формира. Повтори дека ДУИ не е дел од никакво сценарио за пролонгирање.

Вељаноски рече дека на денешната средба, координаторите и потпретседателите биле информирани дека денеска ќе бидат доставени предлозите и оти не е во ред кога ќе се вклучат камерите пратениците да искажуваат ставови за остварување на политички поени.

Пратениците ја изгласаа Одлуката за објавување јавен оглас за нови членови на Државната изборна комисија.

Измените на Изборниот законик што беa донесени како резултат на разговорите во рамки на договорот од 2 јуни /15 јули предвидуваат ДИК да биде составена од девет членови односно претседател и потпретседател и седум членови.

По завршувањето на огласот за членови на ДИК којшто трае осум дена, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата подготвува предлог листа од пријавените кандидати и ја доставува до Собранието.

По тројца членови предлагаат политичките партии од власта и од опозиција, а останатите тројца се бираат од редот на пријавените.

Членовите на ДИК ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Собранието ги избира и претседателот и потпретседателот на ДИК од редот на членовите. Претседателот или потпретседателот на ДИК, според новите измени на Изборниот законик, треба да е од редот на припадниците на најголемата немнозинска заедница.

Во рамките на 73. седница на Собранието почна расправата за дополнетиот Предлог на Буџетот на РМ за 2016 година.

Најчитани вести