Пратениците од ВМРО -ДПМНЕ побараа брзо, цеосно и транспарентно расчистување на инцидентот во Клинички

Како пратеници и доктори од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бараме надлежните институции што е можно побрзо, целосно и транспарентно да го расчистат овој инцидент и да ги казнат виновниците според законската регулатива.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ преку прес конференција најостро го осуди нападот врз доктор во Клиничкиот Центар во Скопје.

Во продолжение интегрален текст од изјавата на Зоран Ѓорѓиевски, пратеник во Собранието на Република Македонија:

Пратениците од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се солидаризираат со сите доктори во Република Македонија и нивните потреби.

Повредениот доктор и неговите колеги, од денешниот инцидент, ја имаат целосната наша поддршка. Нашата поддршка, како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, ја има и секоја иницијатива која е во полза на докторите и пациентите и подобрувањето на условите во кои што работат и ги добиваат здравствените услуги.

Крајно нечовечки и срамен е обидот на СДСМ, политички да го злоупотреби овој криминален акт се со цел да предизвика криза во здравствениот систем и добивање на политички поени за себе.

Како пратеници и доктори од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бараме надлежните институции што е можно побрзо, целосно и транспарентно да го расчистат овој инцидент и да ги казнат виновниците според законската регулатива.

Да потсетиме дека согласно измените на Законот за здравствена заштита кој што како пратеници ги донесовме на 22.01.2015 година, нападот врз здравствен работник при вршење на здравствената дејност е уреден како кривично дело согласно Законот за здравствена заштита, а ако при нападот е нанесена тешка телесна повреда тогаш тоа претставвува тешка форма на кривично дело за што е предвидена затворска казна во времетраење до 10 години.

Здравствениот систем е наменет за пациентите, а главни чинители се здравствените работници. Сите неодговорни, криминални или акти спротивни на законот, извршени од било кого во системот без разлика дали е од страна на доктор или пациент, мора да бидат санкционирани согласно законот. Сметаме дека е неодговорно и примитивно да се загрозува животот на тој кој што се обидува да спаси нечиј живот.

Да бидеме искрени и да констатираме дека ова што се случи денес, делумно е резултат и на континуираната негативна кампања кон докторите и здравствениот систем која ја води СДСМ и медиумите финансирани од СОРОС, а со единствена цел  да се предизвика чувство на недоверба и нетрпеливост кон доктроската професија и здравствениот систем во целост. Во нашето здравство работат илјадници лица кои макотрпно и себевложувачки работат и помагаат на многу пациенти. Здравствениот систем и вработените во него не смеат да бидат паричка за поткусурување на политичките партии. Тоа е неодговорно.

Здравствениот систем не е поединечен неодговорен доктор, ниту пак е поединечен неодговорен и насилен пациент. Здравствениот систем е секојдневна борба на секој еден доктор, за секој еден човечки живот на секој еден пациент.

Затоа апелираме овој немил настан во никој случај да не се политизира односно да не се става во било каков политички контекст за притоа било кој да се обидува да добива политички поени на еден ваков трагичен и криминален настан. За ова постои закон и треба да се одговра во согласност со закон.

Ние сме овде да се солидаризираме и да дадеме поддршка на целокупниот медицински персонал во Република Македонија.