Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ упати телеграма со сочуство до француската амбасадорка

По повод синоќешниот напад во Ница во кој животот го загубија 84 лица, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата „За подобра Македонија“ упатија телеграма со сочувство до Амбасадорката на Република Франција во Република Македонија, Лоренс Оер.

Интегрален текст од телеграмата:

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ со длабока тага и неверување ја прими веста за грозоморниот и кукавички чин на прославата на францускиот државен празник во Ница, Република Франција.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ во овие тешки мигови за семејствата на настраданите и повредените, за францускиот народ и француската држава, до Амбасадорката на Република Франција во Република Македонија, Нејзината Екселенција г-ѓата Лоренс Оер изразува искрено жалење и длабоко сочувство до сите оние кои се повредени и до семејствата на загинатите во овој монструозен терористички напад кој се случи вчера во Ница, Република Франција.

Силно Ве уверуваме дека мислите и молитвите на секој македонски граѓанин во овие тажни мигови се со Франција и францускиот народ.

На вакви или слични терористички напади во изминативе неколку години не останаа имуни повеќе држави во светот, меѓу кои и Република Македонија. Токму затоа, Ние како Македонци и граѓани на Република Македонија многу добро го познаваме чувството на огорченост и осуда кон вакви сурови и злосторнички терористички напади. Оттука, независно од тоа каде и на кој начин се случуваат вакви напади, тие претставуваат напади врз човештвото и против тоа мора и треба да се бориме заедно.

Бидете сигурни дека вакви кукавички терористички напади само го зголемуваат чувството на солидарност и ја зајакнуваат нашата заедничка борба и заложба за победа против ова зло кое сее страв насекаде во светот, не препознавајќи ниту религија ниту националност.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ уште еднаш изразува искрено и длабоко сочувство до семејствата на настраданите и повредените и истовремено во овие тешки мигови за француската држава стои на располагање во секој момент и подава рака за поддршка на народот на Република Франција.

Со почит,

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ