Пратеник од партијата на канцеларката Меркел со осуда до Заев

Членот на Германскиот Бундестаг Карин Стренц изрази загриженост во врска со последните настани во Република Македонија поврзани со, како што вели, неодговорното однесување на опозицијата во обидот за недемократско преземање на власта.

Почитувањето на владеењето на правото, како што вели таа, е суштински поврзано со почитување на демократијата и фундаменталните права. – Оттука, барам од Зоран Заев, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, да ги преиспита неговите сериозни обвинувања кон Владата на Република Македонија, бидејќи никој не може да биде осуден освен ако е обвинет согласно законот – изјави Стренц.

Според неа, политички мотивираното однесување не е прифатливо во која било форма на демократија. – Заканите на лидерот на опозицијата кон претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски не се соодветни за да се изрази коректна критика на власта – додава Стренц.

KarinMerkel

Таа посочува дека единствено политичките аргументи и политичките програми поддржани од страна на граѓаните се демократските алатки за добивање избори во демократските земји.

– Остро ја осудувам инволвираноста на странски држави и нивните разузнавачки служби и незаконското прислушување на највисоките политички претставници во Македонија за соборување на Владата. Не постои демократија и почитување на фундаменталните права без почитување на владеењето на правото и обратно – вели германската пратеничка.

Во изјавата Стренц го охрабрува политичкиот дијалог и укажува на неговата важност во решавањето на конфликтите, повикувајќи на одговорно однесување на опозицијата во Македонија со целосно почитување на демократските правила на политичкиот систем.

Карин Стренц е пратеник во Германскиот парламент-Бундестаг од Христијанско-демократската унија на канцеларката Ангела Меркел.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.